Партијата на пензионери категорично е против и не ја прифаќа иницијативата за зголемување на прагот за пензионирање. Велат дека се неприфатливи и неразумни образложенијата на предлагачите на ваквата иницијатива, која наводно има за цел да се подобри финансиската положба на Фондот за ПИО, како и да се намали зависноста од државниот Буџет.
„Причини за ваквиот став се:
-зголемената зависност од државниот Буџет, во овој и идниот период, за редовна исплата на пензиите, не е никако поврзана и предизвикана од актуелниот законски праг за остварување на право на старосна пензија, бидејќи, во периодот од донесување на оваа законска одредба, па се до Одлуката на Владата за линеарно усогласување на пензиите, зависноста на Фондот за ПИО кон Буџетот на државата континуирано се намалуваше.
-доколку се подигне прагот за пензионирање на 67 години се намалуваат шансите за вработување на младите кадри и се зголемува притисокот за нивно заминување во странство.
-животниот век на граѓаните во земјава, по пензионирање, а и општо, поради полошите услови за живот од оние во развиените земји, е меѓу најкратките во Европа.
-не е реално да се очекува исполнување на заложбата на работодавачите за зголемена продуктивност од работници на возраст над 64 години“, порачуваат од ПП.
Партијата на пензионери подржува креирање, исклучиво и само, политики со кои на нашето стопанство му се помага да може да оствари: отворање на нови и подолгорочно одржливи работни места, зголемување на вкупниот број на вработени, особено млади, како и редовно исплаќање на плати и придонеси, зголемување на сите плати и реалната куповна моќ на вработените, намалување на сивата економија и зголемување на процентот кој се исплаќа за придонеси од плата (ПИО и ФЗО), доколку се појави акутна потреба за интервенција за заштита на стабилноста на ФПИО и редовна исплата на пензиите.
Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов вели потребно ни е предвремено пензионирање и бенефициран стаж, а не зголемување на старосната граница. Според него, предлогот е несериозен и неодржлив на долг рок. Од Синдикатот посочуваат дека поради непријавената работа државата годишно губи 250 милиони евра кои остануваат во џебовите на газдите. Бараат поголем ангажман на инспекциите за наплата на социјалните придонеси во целост.
Владата не размислува за прифаќање на предлогот на Фискалниот совет, се прават анализи како да се стабилизира состојбата со дупката во Буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Академик Абдулменаф Беџети, кој е член на Фискалниот совет, во интервју за „Дојче Веле“ вели дека алармот е одамна вклучен, секоја трета пензија се исплаќа од државниот Буџет. Предлогот се темели и врз основа на стареењето и зголемувањето на векот на живеење на населението, вели Беџети.
Фискалниот совет предлага измената да стапи на сила во 2026 година и зголемување на старосната граница на пензионирање на 67 години да важи и за мажите и за жените.