Премиерот Христијан Мицкоски останува оптимист за деблокирање на евроинтеграциите на земјата, откако во Брисел разговараше со новата еврокомесарка за проширување Марта Кос и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Според него, Владата го спроведува својот план, чија прва фаза е да го каже својот став и аргументи преку „интензивна дипломатска акција“ и да покаже дека бара решение.
„За секоја наша теза очекуваме антитеза, а досега не сме добиле, што значи дека првиот дел од планот веќе сме го реализирале… Во вториот дел од планот важно е да се идентификува дали со внесувањето на неколку стотици граѓани во Уставот завршуваат нашите проблеми или ова е првата пречка, првите 10 метри од oваа трка на 110 метри? И мислам дека со нашата стратегија полека ќе ја извадиме вистинската намера. И мислам дека на сите им станува сè појасно дека ова не е единствениот проблем, дека проблемите допрва доаѓаат. Како и дека нема да влеземе во никаква авантура доколку нема јасен план да го видиме крајот“, рече Мицкоски на прес-конференција по објавувањето на новогодишната потрошувачка кошничка.
Според него, има „нов тим во ЕУ кој полека ги запознава проблемите“ и Владата „ќе продолжи да се бори“ бидејќи Македонија „е во право и вистинската вистина мора да се открие“.
„Затоа што вистинската вистина не е ако смениме два амандмани од преамбулата на Уставот. Вистината е поинаква и многу брзо ќе излезе на површина. Ова е втората фаза од нашиот план, а третата фаза е решавање на проблемите внатре во државата. Да покажеме дека сме достојни да седиме на таа маса (во ЕУ) поради тоа што го работиме, а не поради тоа колку прашања од 11 и 12 век решаваме кои што треба да ни бидат услов за развој во 21 и 22 век“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО остварил бројни билатерални средби, а овие средби ќе продолжат и за време на самитот ЕУ-Западен Балкан на 17 декември во Брисел и дека нема да дозволат „да се изгуби еден милиметар од македонскиот идентитет“.
„Затоа што сите заслужуваме сигурна иднина и тоа го слушнав од сите одговорни за проширувањето. Нема да бидеме наивни, ништо не сме ветиле, сакаме само искрен пристап. Не слушнавме контрааргумент на ова што го кажуваме. Ќе се бориме додека не успееме“, кажа Мицкоски.