Украина: Падот на Башар ал Асад ја истакнува слабоста на Русија

од Vladimir Zorba
94 прегледи

Падот на сирискиот претседател Башар ал Асад ја открива слабоста и неспособноста на Русија да продолжи да се бори на два фронта, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.

„Настаните во Сирија ја покажуваат слабоста на режимот на Путин, кој не е способен да се бори на два фронта и ги напушта своите најблиски сојузници за да продолжи со агресијата против Украина“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи, пренесено од Ројтерс.

Русија претходно објави дека сирискиот претседател Башар ал Асад ја напуштил функцијата и земјата, откако издал наредби за мирен трансфер на власта, но во соопштението не се наведува каде е сега Асад, ниту дали руската војска планира да остане во Сирија.

Владата на Асад беше зајакната со тоа што Русија изведуваше напади врз цели на опозицијата, почнувајќи од 2015 година, и оперираше од две бази на територијата на Сирија, но инвазијата на Москва на Украина значително ги намали воените распределби за таа цел.

Главната разузнавачка управа (ХУР) на украинската армија во објава на Телеграм изјави дека руските сили во Сирија „ги повлекле своите воени бродови од поморската база во Тартус, што Асад и дозволил на Москва да ги користи како плаќање за својата безбедност“.

Се наведува дека руската фрегата „Адмирал Григорович“ како и товарниот брод „Инженер Трубина“ се повлекле во неделата од Тартус, а руските авиони од воздухопловната база Хмемим земале „остатоци од нивното оружје и воена опрема“.

Ројтерс наведе дека ХУР не доставил никаков доказ за своите тврдења и дека агенцијата не била веднаш во можност да ја потврди информацијата.

Слични содржини