Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац, и нареди на израелската армија (ИДФ) да ја преземе контролата врз тампон зоната меѓу Израел и Сирија, откако ИДФ вчера започна со распоредување во областа.
Во соопштението од кабинетот на Кац се наведува дека израелскиот министер за одбрана и наредил на армијата да воспостави „безбедносна зона без тешко стратешко оружје и терористичка инфраструктура“ во јужна Сирија, вклучувајќи ја областа надвор од тампон зоната, која може да претставува закана за Израел, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Покрај тоа, Кац и наредил на армијата да воспостави контакти со заедницата Друзи и другите заедници кои живеат во јужна Сирија.
Кац им нареди на силите на ИДФ „веднаш да го спречат продолжувањето на шверцерската рута за пренос на оружје од Иран во Либан преку Сирија, на сириска територија и на граничните премини“.