Мексиканецот Серхио Перез призна дека неговата иднина во Формула 1 со Ред Бул е доведена во прашање пред разговорите со тимот оваа недела, пишува агенцијата Ројтерс.
Перез не криеше дека ситуацијата е неизвесна по завршувањето на сезоната за ГН на Абу Даби во недела.
„Ќе видиме што ќе се случи во наредните денови. Во моментов не знам што ќе се случи. Имам договор и разговаравме со тимот“, рече тој во соопштението за медиумите од Ред Бул по трката.
„Тоа е прашање на дискусија – што е најдобро за сите понатаму“, додаде Серхио Перез.
Мексиканецот ја заврши сезоната со 152 поени, наспроти 437 за четирикратниот шампион Макс Верстапен и со само 49 освоени поени од последните 18 трки.
Перез беше и единствениот возач од најдобрите четири тима без победа оваа година.