Еко-активистите попладне во Скопје организираат протест поради загадениот воздух. Маршот ќе почне пред Министерството за животна средина, а ќе продолжи до Собранието и Владата.
-Сè што треба е да се собереме и да покажеме заедничка сила за чист воздух.Скопје мора да дише, Македонија мора да дише, апелира организаторот на протестот.
Екологистите бараат од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето. Тие предлагаат повеќе краткорочни и среднорочни мерки, меѓу кои се и прогнозирањето на температурните инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето, транспарентен регистар за интегрирани дозволи во кој ќе се наведат правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат, потоа намалување на сообраќајната инфраструктура за автомобили и забрана на увоз на стари возила, на сметка на зајакнување на велосипедската инфраструктура.
Меѓу барањата на екологистите е и планот за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа.
-Протестираме бидејќи секоја година во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките PM2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Тоа изнесува 17.7% од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како што се белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови, стои во соопштението на Здружената иницијатива „ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“.
Граѓаните се жалат од загадениот воздух, велат секојдневно ги чувствуваат последиците врз здравјето. И покрај алармирањето состојбата со години не се менува. Единствен начин да се заштитат е да не излегуваат од дома.
Секое 6-то до 7-мо предвремено новородено бебе е последица на загадениот воздух-велат докторите. Според нив аерозагадување е причина и за други болести.
До Народниот правобранител пристигнати се 20 претставки за загаден воздух. Иако Уставот гарантира право на здрава и чиста еколошка средина, состојбите и реалноста не одат во прилог на уставните заложби, истакна омбудсманот Зибери. Тој ги посочи причинителите за ваквата состојба.
-Мораме да се соочиме со реалноста или ќе плаќаме казни или тие пари ќе ги насочиме кон инвестиции и решавање на причините, а не да се бавиме со последиците. Гасификација на урбаните средини е едно од решенијата, рече министерот за животна средина Изет Меџити.
Скопје го одбележа екстремно загаден воздух на крајот на 2023 година, а податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека квалитетот на воздухот во декември 2023 бил полош во споредба со истиот месец од 2022 година.