ДУИ ќе продолжи со „стражата на јазикот“ и кога Уставниот суд ќе ја одржи подготвителната седница

од Nikola Popovski
67 прегледи

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи денеска порача дека е недозволиво во мултиетничка држава, највисокиот орган на државата да одржува седници со осетливи теми во моноетнички состав. Според Османи, неприсуството на тројцата судии од етничките заедници е порака и доволен сигнал за да се прекине седницата.

-Секогаш ваквите моноетнички состанувања биле најава за лоши периоди во мултиетнички држави. Во име на албанскиот народ, одбиваме секаква одлука која значи продолжување на процесот на укинување на Законот за употребата за јазиците. Единствената праведна одлука која требаше да се донесе е отфрлање на 13-те иницијативи и да се затвори прашањето. Закажувањето на подготвителна седница е само продолжување на процесот на укинување на Законот за јазици, рече Османи од пред Уставниот суд каде што ДУИ држи „стража на јазикот“.

Османи најави дека ќе продолжат со „стражата“ и дека кога и да се закаже подготвителна седница, народот ќе биде присутен пред зградата на Судот.

Членот на ДУИ смета дека отворањето на овие теми „ќе ги одвраќаат инвеститорите во земјава и безповратно ќе го прекинат европскиот пат“. Тврди дека граѓаните не посакуваат ваква визија.

Слични содржини