Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го поканил кинескиот претседател Си Џинпинг да присуствува на неговата инаугурација на 20 јануари во Вашингтон, јавува денеска Си-Би-Ес Њуз, повикувајќи се на повеќе извори.
Според изворите на медиумот, Трамп му испратил покана на Си на почетокот на ноември, веднаш по претседателските избори во САД.
Се уште не е познато дали кинескиот претседател ја прифатил поканата, а амбасадата на земјата во Вашингтон не одговорила на барањето за коментар, пренесува Ројтерс.
Во интервју за „NBC News“ во петокот, Трамп рече дека „многу добро се согласува“ со Си и дека комуницирал со него во текот на неделата.
Трамп назначи голем број „анти-кинески“ личности на клучни позиции во неговата идна администрација, вклучувајќи го и сенаторот Марк Рубио за државен секретар.
Новоизбраниот претседател на САД, исто така, најави дека ќе воведе дополнителни царини од 10 отсто за кинеските производи доколку Пекинг не направи повеќе за да ја запре трговијата со фентанил кој предизвикува голема зависност.
За време на кампањата, тој се закани дека ќе воведе царини од над 60 отсто за кинеските стоки.