ЦГК: Општините и министерствата заедно трошат за адвокатски услуги повеќе од 2 милиони евра годишно

од Nikola Popovski
20 прегледи

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за исплатите за адвокатски услуги од буџетите на општините и на министерствата. Истражувањето покажа дека oпштините и министерствата немаат пишани внатрешни правила за ангажирање адвокати, имајќи предвид дека набавката на услуги од адвокат е исклучена од Законот за јавни набавки.

Меѓу одговорите од општините има најразлични објаснувања за начинот на избор на адвокат и тоа: „Врз основа на нивниот углед и искуство во поглед на природата на предметите“; „Лесно достапни до општината, кои имаат канцеларија во истата општина“; „Врз основа на сознанија за стручноста и компетенциите на адвокатите и врз основа на добиени препораки за нивната досегашна работа“; „Со непосредна спогодба“; „По слободен избор“; „Го избрал градоначалникот“ и „Од именикот на адвокати“.

-Само општините и Град Скопје лани потрошиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за исплати на адвокати.
Министерствата, на адвокати им исплатиле 62.428.934 денари или 1 милион евра. Парите што министерствата и општините заедно ги плаќаат на адвокати се две третини од вкупните пари што за оваа намена ги исплаќаат сите буџетски институции заедно. 40-тина проценти од исплатените 1,1 милион евра е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи. Од општините, адвокати ангажирале 72 од 81 единица на локална самоуправа, информираат од ЦГК.

Една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат. Од министерствата, само две имаат ангажирано адвокати, додека другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија, и камати.

-Од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати, додека кај министерствата тоа се Финансии (за функции на државата), па Правда и Труд. Поединечно најмногу пари му се исплатени на адвокат Влатко Ристовски кому само Општина Гази Баба му исплатила повеќе од 6 милиони денари во 2023 година, појаснуваат од ЦГК.

Слични содржини