СДСМ обвинува дека со предложените измени на Законот за јавни набавки, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги отвори вратите за неограничени злоупотреби на јавните средства, укинувајќи ја управната контрола на Бирото за јавни набавки. Според пратеничката Јованка Тренчевска, ова е директен удар врз транспарентноста и борбата против корупцијата и уништување на Законот од 2019 година и како што вели, пат кон масовна корупција и враќање на системот во времето на неказнети тендерски злоупотреби.
-Со оваа измена, ВМРО-ДПМНЕ го враќа времето кога тендерите беа само формалност, а договорите однапред се договараа во партиски канцеларии. Ова е враќање на режимското владеење кое ги ограби граѓаните и ја зароби државата во мрежа на корупција и клиентелизам.
СДСМ се спротивставува на оваа скандалозна и опасна идеја и бараме јавна расправа и целосна транспарентност. Поднесовме амандмани со кои бараме задржување на досегашните одредби, како и јавна расправа за предложените измени на Законот за јавни набавки. Бараме ставот на експертите, невладините организации и јавноста да биде слушнат. Контролата над јавните набавки не смее да биде укината – тоа е единствениот начин да се заштитат интересите на граѓаните, порача Тренчевска.
Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието се состанаа со делегација на Државната комисија за спречување на корупција, предводена од претседателката Татјана Димитровска. После состанокот групата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе измените на Законот за јавните набавки во редовна постапка, при што се очекува утврдувањето на потребата за носење на овој закон да се најде на дневен ред следната недела, на седницата закажана на 18 декември.
Според антикорупционерите, особено загрижува, како што велат, фактот што во предложените измени се предвидува промена на составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, во исклучително краток рок од 15 дена.
Претходно вчера платформата на граѓански организации за борба против корупцијата соопшти дека бара веднаш да се стопира иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка, укажувајќи дека повеќе делови во предложениот текст водат кон сериозно уназадување на заштитата од корупција во јавните набавки.
Од Платформата реагираа на тоа што со измените се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки и, идентично како и ДКСК, изразија загриженост затоа што се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без притоа да бидат исполнети условите за разрешување и без какви било јавни консултации.