Ферари ќе ги произведува своите сериски автомобили само во Маранело, вклучувајќи го и новиот целосно електричен модел кој се очекува во 2025 година. Ова го изјави извршниот директор на компанијата Бенедето Виња, цитиран од агенцијата Ројтерс.
Планираните тарифи од следниот американски претседател, Доналд Трамп, нема да го променат тоа, ниту пак другите притисоци врз продажбата на спортските суперавтомобили на марката, изјави Виња.
„Ние произведуваме автомобили во Маранело“, објасни Виња на конференцијата Reuters NEXT во Њујорк, како одговор на прашањето дали Ферари ќе разговара за производство на автомобили во САД. „Ќе продаваме автомобили во САД, но ќе ги произведуваме во Маранело“.
Извршниот директор на Ферари рече дека не очекува промена на побарувачката за автомобили означени со Ферари по инаугурацијата на Трамп, кој рече дека може да воведе царини за стоките што доаѓаат од Европа.
„Имаме многу нарачки – додаде Виња. -Тој одлучува што ќе прави овде, ќе ги почитуваме новите правила… ќе има даноци за нас, за сите. Тоа е добро затоа што кога условите се менуваат, тогаш треба да иновирате повеќе“.
Виња, кој го презеде Ферари во 2021 година, на конференцијата потврди дека компанијата ќе го претстави својот прв целосно електричен модел во последниот квартал од 2025 година. Тој прецизираше дека цената на автомобилот ќе се „одреди во последен момент“, без да ги коментира очекувањата дека автомобилот ќе чини повеќе од 500.000 евра.
Виња додаде дека е горд на договорот потврден оваа недела, според кој Ферари ќе снабдува мотори и менувачи на тимот на Кадилак, кој ќе дебитира во Ф1 во 2026 година.