Вториот ден од регионалната тинк-тенк конференција „Заштита на демократијата: Справување со подемот на десничарскиот популизам“ почна со панел дискусијата „Градење коалиции: Јакнење на соработката помеѓу граѓанското општество и политичките актери“. На оваа сесија, учество зедоа заменик претседателката на СДСМ Фани Карафилова Пановска, пратеничката од Босна и Херцеговина Лана Прлиќ, потпретседателката на Европската мрежа против сиромаштија Билјана Дуковска и меѓународната секретарка на СДП Хрватска Каролина Леaковиќ.
Каранфилова Пановска, потенцираше дека секогаш кога станува збор за криза, жените се тие кои први застануваат во редовите на отпорот. Таа информираше дека граѓанското општество секогаш било рамноправен партнер на институциите и политичките партии за демократизација на општеството.
„Со доаѓањето на власта на СДСМ во 2017 година се отворија вратите во институциите за невладините организации и имаа можност на седат на главната маса и да ги кажуваат своите предлози и идеи. 120 граѓански организации ги изготвија итните реформски приоритети со кои се дефинираа клучните реформски приоритети. Социјалдемократскиот сојуз во моментов е исправен пред сериозен предизвик да ја врати довербата, затоа што само левата опција има потенцијал и моќ да направи исчекор, да мобилизира и пошироко од своето членство. Претходно, невладините организации 12 години имаа комплетно затворени врати во институциите, се застапуваа од улица, од тротоарите, од сопствените канцеларии“, рече Каранфилова Пановска.
Прлиќ, посочи дека на младите лица треба да им се дадат поголеми шанси и можности за да се активираат и да дејствуваат во општеството.
„Сите ние кои се занимаваме со политика мислиме дека сме најпаметните во просторијата, но не е така. Мораме да даваме поголема шанса на младите, жените и девојките да се активираат за демократизација на општеството. Невладините организации се главниот сојузник за развој на државите“, информираше Прлиќ.
Дуковска, рече дека десничарскиот наратив ја разбира сиромаштијата како резултат на индивидуални лоши избори и грешки, а не како последица на несоодветна и нееднаква прераспределба на богатството и резултати на лошите политики и непочитување на правата.
„Граѓанското општество мора да биде партнер со кој заедно ќе се развиваат политиките кои треба да гарантираат исполнување на правата и уживање на достоинството. Обезбедувањето на глас на оние кои имаат помала општествена видливост и моќ е приоритет за промовирање на демократија и инклузивност во општеството, и низ процесите и во политиките“, изјави Дуковска.
Леaковиќ, истакна дека невладините организации играат клучна улога во градењето коалиции помеѓу цивилното општество и политичките актери.
„Соработката меѓу овие групи е важна за создавање на политики што ќе одговорат на реалните потребни на општеството, да ја зајакнат демократијата и да го поттикнат општествениот развој“, порача Леaковиќ.
Регионалната конференција е во организација на Прогрес институт за социјална демократија, а со поддршка од Фондацијата Калеви Сорса од Финска.