Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во интервјуто за Капитал за зачестениот вандализам од страна на младите лица потенцира дека потребен е системски пристап за справување со овој проблем.
„Убеден сум дека за справување со овој проблем е потребен системски пристап. Во процес сме на подготовка на предлог законски измени кои ќе овозможат воведување на општествено корисна работа како мерка, не само за децата кои учествуваат во ваквите инциденти, туку и за нивните родители. Нашата идеја веќе наиде на одличен прием меѓу граѓаните, и сметам дека треба да се движиме во тој правец. Да потсетам дека во соработка со Министерството за внатрешни работи, во текот на летото беше зголемено присуството на полицијата на терен, но тоа темпо мора да продолжи за да имаме видливи резултати. Најважно е сите засегнати страни да бидат координирани за да ги сузбиеме ваквите појави“, рече Герасимовски.
Герасимовски информираше дека граѓаните бараат поставување видео надзор на критичните точки во општината, а за тоа веќе се има зелено светло од Советот.
„Актуелна е иницијативата и за воведување комунална полиција по примерот на градовите од регионот, која јас лично во целост ја подржувам. Она што во моментов е наш фокус е да работиме на подигнување на свеста за последиците од вандализмот. Тоа го правиме преку едукативни програми, соработка со училиштата и редовна комуникација со граѓаните. Сепак, морам да нагласам дека без активна поддршка и вклученост на родителите, ова е невозможна мисија. Само со заеднички ангажман на општината, институциите и родителите можеме да го надминеме овој проблем кој морам да кажам, не е индикативен само за нашата општина, туку и пошироко“, истакна Герасимовски.