Естонски командант: Има знаци дека Русија подготвува напад врз земја на НАТО

од Vladimir Zorba
102 прегледи

Командантот на естонските одбранбени сили Андрус Мерило изјави дека руските вооружени сили се подготвуваат за следниот напад врз една земја. Генералот Мерило и естонскиот министер за одбрана Хано Певкур предупредија дека Русите може да нападнат земја на НАТО, на пример Естонија или Финска, пишува „Илталехти“.

„Денес веќе не е доволно само да го продолжиме разговорот во кој се подготвуваме за војна. Мораме да се подготвиме за победа во војната“, нагласува Мерило.

Командантот објасни што значи воениот аспект на проценката на заканата што преовладува. „Според моето размислување, ова е голем чекор напред. Треба да бидеме способни да спречиме непријателски напад на прво место ако Русија одлучи да нападне некој од нас како нејзин следен чекор во обидот да ги постигне своите стратешки цели“, вели Мерило.

„Русија нема да застане на Украина“

Според Мерило, Финска, балтичките земји и сите европски демократии треба да ги прифатат фактите и да го напуштат „неоснованиот оптимизам“.

„Мораме да го сметаме проширувањето на војната како веројатно. Русија нема да застане на Украина, без разлика како ќе заврши војната“, оценува Мерило.

„Опасноста се зголемува доколку Русите почувствуваат дека ја добиле војната што ја започнаа во Украина. Територијалниот интегритет на Украина мора да се врати. Секое друго решение би значело победа за Русите. Генералот Мерило вчера во Министерството за одбрана на Естонија ја презентираше својата оценка со министерот за одбрана, Певкур.

„Тие се подготвуваат за нешто“

Новинар на порталот „Илталехти“ го праша Мерило зошто упатува директно предупредување за можен руски напад врз земја на НАТО, на што Мерило нагласи дека има знаци дека Русија подготвува нов напад.

„Актуелните воени активности во Русија покажуваат дека тие се подготвуваат за нешто. Клучот е во тоа што, без разлика дали мислат дека слабата точка е во Балтичкото Море или на некое друго место, ќе го оневозможиме планот на напаѓачот. Прво треба да се убедиме себеси, а потоа Русите дека ќе ја добиеме следната војна од самиот почеток. Нема алтернатива за тоа“, нагласи Мерило.

Генералот рече дека знаел дека Русите подготвуваат нови воени операции, но не навлезе во детали за тоа какви разузнавачки информации има за руските подготовки. „Можам да кажам со 100% сигурност дека Русија го подготвува својот следен чекор, нема да ја прекине својата агресија против Украина“, вели Мерило.

Лекции од историјата

Командантот посочува и дека историјата зборува во прилог на тоа дека Русите се подготвени за агресивни војни.

„Во минатото видовме како Русија се стреми да ги постигне своите стратешки цели. Неколку месеци пред нападот на Украина, некои тврдеа дека Русија никогаш нема да ги нападне своите соседи. Русите ги нападнаа своите соседи толку многу пати што не можеме ни да водиме евиденција за се“, потсетува тој.

„Русија војуваше на естонско тло 40 пати во последните илјада години. Тоа значеше војна еднаш на 25 години“, додаде тој.

Министерот за одбрана Певкур истакна дека земјите од НАТО мора да ѝ покажат на Русија подготвеност и способност да ги поразат Русите.

„Единствената порака што Русија ја разбира е силата. Мораме да бидеме подготвени да ги браниме нашите земји, без разлика дали намерите на Русија се однесуваат на Лапонија, Црното Море и Романија или балтичките земји“, вели Певкур.

Слични содржини