Шпанската фудбалска федерација го назначи Рафаел Лузан за нов претседател.
Лузан доби 90 гласа на Генералното собрание, додека неговиот противкандидат Салвадор Гомар собра 43 гласа.
Во мај 2022 година, Лузан беше прогласен за виновен за проневера во врска со договорот за теренски работи во градот Морана. Иако беше ослободен од обвиненијата за измама, казната му забрани да извршува јавна функција на седум години.
Тој се изјасни за невин и поднесе жалба, што му овозможи да се кандидира за претседател на Шпанската фудбалска асоцијација. Врховниот суд треба да ја разгледа жалбата на 5 февруари следната година.
„Шпанската ФА е дом на се во шпанскиот фудбал. После овие избори конечно станавме тим во кој секој ќе може да придонесе за федерацијата која е наш живот и наша страст. Време е да се врати престижот и имиџот на оваа организација. Мора да се држиме заедно, бидејќи само оние кои остануваат обединети можат да постигнат резултати. Сакам особено да му се заблагодарам на мојот драг пријател Педро Роча кој го започна овој нов пат“, рече Лузан.
Шпанската фудбалска федерација нема претседател од јули и разрешувањето на Роча, кој беше обвинет од Управниот суд за спорт за пречекорување на должностите со разрешување на тогашниот генерален секретар на федерацијата Андреу Кампс.
Роча беше избран за претседател во април, кога го замени Луис Рубиалес, кој поднесе оставка откако ја бакна фудбалерката Џени Хермосо за време на церемонијата на доделување медали на шпанскиот тим на Светското првенство за жени во август минатата година.