Еден од најзначајните руски генерали, Игор Кирилов, задолжен за биохемиско оружје, е убиен во Москва. Почина и неговиот помошник Илја Поликарпов. Киев призна дека стои зад овие две убиства.
Генералот и неговиот помошник, излегуваат од зградата, а на видеото се гледа електричен скутер до вратата. Потоа дошло до експлозија и двајцата загинале.
Истражната комисија констатирала дека експлозивната направа била во скутерот и дека била активирана од далечина.
„Инцидентот е оквалификуван како убиство, односно терористички напад, изјави Светлана Петренки од Истражниот комитет.
Соседите велат дека не ни знаеле дека Кирилов живее во близина, а тврдат дека немало забележливо обезбедување.
„Веднаш до овде има паркинг за скутери, кој би го помислил тоа. Сега гледаме многу полиција, но се е секогаш отворено, секој може да влезе, да излезе, да помине“, вели еден сосед.
Генерал Кирилов беше началник на Дирекцијата за биохемиско оружје и заштита на руските вооружени сили. Украинската војска го смета за одговорен за употреба на хемиско оружје и масовни убиства во Украина, за што Кирилов беше осуден во отсуство.
Неколку извори во Службата за безбедност на Украина за Ројтерс изјавиле дека тие стојат зад убиството на генералот. Истото го пренесуваат и украинските медиуми.
Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, изјави дека ќе има одмазда на шефот на државата на Украина за убиството на генералот. Ова е трето убиство кое му се припишува на Киев од почетокот на ноември. Претходно, еден поморски офицер беше убиен на Крим, како и еден научник во Москва кој работеше на развој на беспилотни летала.