Објавена е листата на највредните автомобилски марки во светот. Станува збор за познати брендови, чие светско признание им донесе десетици милијарди евра
Во исто време, вредноста на поединечен бренд не се рефлектира само во финансиските показатели, туку и во подготвеноста да се прилагоди на современите технолошки и кориснички барања. Воведувањето нови технологии и грижата за животната средина се во фокусот на автомобилската индустрија во последните десет години.
Затоа, агенцијата Brand Directory ја објави годинешната листа на највредните брендови во светот воопшто, а меѓу нив се најдоа и автомобилските гиганти.
Така, Mercedes Benz го зазеде првото место, со вредност од 59,4 милијарди долари (56,57 милијарди евра). Оваа вредност ја постигна благодарение на препознатливоста, но и ориентацијата кон нови технологии без значително оштетување на идентитетот на самиот бренд.
На второ место е Tesla, американскиот бренд на електрични автомобили во сопственост на Илон Маск. Нивната проценета вредност е 58,3 милијарди долари (55,5 милијарди евра), пред се благодарение на технологиите за автономно возење и пристапноста на бројните светски пазари. Моделите на Tesla се најпродаваните електрични возила во светот.
На трето место е првата азиска марка, јапонската Toyota. Доверливоста и издржливоста како квалитети поврзани со нивните возила им донесоа 52,7 милијарди долари (50,19 милијарди евра).
Потоа има три германски брендови. Проценетата вредност на Porsche е 43,1 милијарди долари (41,05 милијарди евра), на BMW 40,9 милијарди долари (38,95 милијарди евра), додека вредноста на Volkswagen, и покрај проблемите во бизнисот, достигна 33,8 милијарди долари (32,19 милијарди евра).
Следуваат два азиски претставници, Honda и Hyundai со вредност од 25,9 односно 22,9 милијарди долари (24,66 и 21,8 милијарди евра). Листата ја затвораат Ford со вредност од 20,9 милијарди долари (19,9 милијарди евра) и Audi, петтата германска марка, инаку дел од групацијата Volkswagen, со вредност од 14,4 милијарди долари (13,7 милијарди евра).
Интересно е што и покрај ненадејното полетување и навлегувањето на бројни пазари, меѓу 10-те највредни брендови во автомобилската индустрија нема ниту еден од Кина.