Мицкоски: Никој нема право да го оспорува вековниот македонски идентитет

од Nikola Popovski
70 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски, од Самитот ЕУ-Западен Балкан порача дека никој нема право да го оспорува вековниот идентитет на Македонија и македонскиот јазик.

„Ќе испратиме порака дека Македонците и Македонија како држава заслужуваат место во ЕУ. Нашето место е на иста маса со нив затоа што споделуваме и се бориме за истите вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите. На средбата со Каја Калас разговаравме за сите стравови што ги имаме како држава и народ, што требаше да направиме во минатото и во име на истите тие вредности“, рече Мицкоски.

Премиерот го кажа ова преку видео-обраќање од Брисел кој со владина делегација учествува на самитот што вчера и денес се одржува во европската престолнина.

Во него, тој информира за неговата вчерашната агенда, посочувајќи дека таа започнала со билатерална средба со заменик-претседателката на Европската комисија и висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас.

„На состанокот разговаравме за сите оние стравови и за сето она што ние како држава и како народ моравме да го направиме во минатото во име на тие исти европски вредности и дека никогаш повеќе не смееме не само поради нас туку и поради вредностите коишто ги споделуваме со Европската Унија да разговараме за билатерални прашања, за идентитетски прашања, и никогаш повеќе никој нема право да го оспорува нашиот многувековен идентитет и нашиот мајчин, македонски јазик којшто има многувековни корени“, потенцира Мицкоски.

Мицкоски ја предводи делегацијата на македонската Влада која ја сочинуваат министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, советникот за надворешни работи, амбасадорот Марковски и шефот на кабинетот, Владимир Нелоски.

Неговата агенда вклучува средби со шпанскиот премиер Педро Санчез и со полскиот премиер Доналд Туск.

Слични содржини