ВМРО-ДПМНЕ ги критикува СДСМ дека „не се оградуваат од Артан Груби, туку гледаат да го оправдаат и да го поистовети со тие кои го гонат“. Ваквиот став на партијата на власт е реакција на денешната прес-конференција на партијата на Венко Филипче.
-Ваков апсурд може да му текне само на бандитски и испаничен ум во раководството на СДС. Но еве една порака до сите што се огрешиле и до тие во СДС што мислат дека ќе спинуваат вака во надеж дека ќе направат смут во јавноста. Правдата ќе ве стигне сите, децидни се од ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение.
Партијата на Христијан Мицкоски сметаат дека „постои страв кај СДСМ’ и, како што велат, „се гледа од камионите на Заеви во РЕК Битола и од канцелариите кај што се местеле тендерите на Филипче по Онкологија и други клиники“.
-Така да чекајте ова е само почеток. И ваквите глупави соопштенија нема да поколебаат никого во борба против корупцијата. Секој што се огрешил ќе одговара, истакнаа од најголемата владеачка партија.
Претходно портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска откри дека не станува збор за пропуст на полицијата, туку, како што вели, координација за пуштање на Груби. Вели дека е скандал од епски размери.
За двајцата полицајци на ГП „Блаце“ кои го пропуштиле Груби, Кузеска рече дека еден од нив, лицето Б.Ј. е службеник поставен на позицијата откако Тошковски станува министер.
-По налог на Тошковски, Б.Ј. е прераспределен на контрола на граничен премин, иако претходно извршувал друга работна задача неповрзана со контролата на граничните премини. Ова значи дека човекот кој што го пропуштил Груби е негов личен избор за таа позиција. Го прашуваме Тошковски дали е вистина од овие причини, за да може да врши вакви дејствија, Б.Ј. е поставен на оваа позиција, праша Кузеска.
Според неа, полицаецот земал боледување, истиот ден кога го пропуштил екс-вицепремиерот.