Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку видеоизјава реагираше, на изјавата од портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, дека има „сериозни индиции за вмешаност на МВР и Тошковски во бегството на осомничениот поранешен вицепремиер Артан Груби на Косово“ и на тврдењата од СДСМ дека ќе објават за „нови „случајности“ кои ќе отворат сомнеж за вмешаноста на МВР во целата работа“.
Тошковски во изјавата вели дека МВР ќе поднесе кривична пријава против еден од полицајците на граничниот премин „Блаце“, за кого имале снимен доказ дека го повредил законот и работните процедури и му дозволил на Груби да излезе од државата непосредно пред акцијата на Обвинителството за случајот со злоупотребите во Државна лотарија.
„Сите докази коишто се во насока на расветлување на случајот со излезот на лицето кое е недостапно за органите на прогон и треба да се искористат, се обезбедени од МВР. МВР поседува видеозапис на кој јасно се гледа повреда на закон и повреда на процедури од страна на полициски службеник кој бил во тој момент како граничен полицаец. Врз основа на постапките, доставено е известување до Обвинителството. По консултација со обвинителот, ќе има кривична пријава, која утре ќе се поднесе. Од страна на МВР е изречена супспензија за предметното лице. Не го познавам лично предметното лице, ниту нешто сум издал за негово назначување да работи во рамки на граничната полиција во Македонија“, вели Тошковски.
Тој рече дека СДСМ „повторно ги брани нивните партнери од ДУИ“, како и дека портпаролката на партијата Богданка Кузеска денеска изнела „класична клевета“. Тошковски додаде дека нема да ја тужи, затоа што смета дека „на опозицијата треба да ѝ се даде шанса да се оправи со тек на време“.