Втор обид на ДПМНЕ и ЗНАМ за политичка измама на СДСМ

од Vladimir Zorba
929 прегледи

Беше како лош боливудски ефтин и нискобуџетен филм вчерашното помпезно, режирано и изнасилено во актерска смисла појавување на оние од ЗНАМ пред белата палата на мицковистичко дпмне, за наводно да достават некаква си декларација. Толку ефтин филм а амбициозно режиран одамна не сме виделе дури ниту во конкуренцијата за златна малина, доделувањето на оскарите за најлоши филмови. Се умислиле режимските квази ТВ и парталчиња дека се Роланд Емерих или Ридли Скот при нивната имитација и залудниот обид за претставување драматичност, цврста наративна структура, соживување на актерите со улогата во сценариото – сето тоа изгледаше толку бедно и очајно дури и за вообичаено неинвентивната а скапо платена режимска пропагандна машина. Појавата на опсцени ликови на екранот во главни улоги на некакви спасители на нацијата, па уште и сериозните фацијални експресии на некаков си, барем за мене, анонимен пензиониран генерал веројатно со намера да се засили симулакрумот на „важност на мигот и настанот“, експресното мултиплицирање на овој толку дегутантен и безначаен филм низ гебелсовската режимска медиумска мрежа на агитпроп, само по себе предупредува на некаква нова политичка измама од страна на режимот. Штом тие толку запнале во некоја пропагандна активност, тоа само по себе значи дека во позадина има некаква намера за манипулација на гласачите со цел одржување на режимот под чиј јарем лелека веќе 6 месеци секој обичен човек што не е дел од режимската камарила.

А всушност, лесно беше да се забележи дека ова е само бледа копија на истиот уличарски трик, истата режимска политичка финта која првиот пат беше во сценарио и режија на дпмне, а која финта за среќа не им успеа, ниту кај опозицијата ниту кај обичнит народ. Се сеќавате, и тие имаа некаква си ваква платформа и повици за национално единство во врска со државните позиции кон ЕУ; оваа на ЗНАМ е некаква имитација и копи пејст форма на истата, според содржината на нејзините „точки“ како семантички персуазички избор – чиниш некаков проглас на Тито е тоа па сега мора сите да се стресат на ова обично режимско памфлетче и тоа поднесено од толку политички небитните ликови од ЗНАМ. Па, тие не можат да го измолат и натераат еден Меџити, нивното коалициско „другарче“ во заедничкиот режим да го почитува законот за знамиња низ владините кабинети, истите од ВЛЕН згора дрско им се потсмеваат знаејќи дека и тие како мицињата само глумат патритизам и дека нема да ги напуштат дебело платените фотељи (иако оној нивниот главен јавно тоа го вети на ТВ) ни да им закачи по едно албанско знаменце на ревер – тоа веќе би бил добар филм, рефлексија на реалноста по владините опскурни канцеларии – па ќе изигрувале спасители на нацијата и државата. Каков виц.

Првиот пат не им успеа, а нема ниту сега да им успее – да го вовлечат народот и опозицијата во нивниот партиски хаос со ЕУ интегративниот процес кој е блокиран од нив со единствена цел да останат на власт уште некој месец повеќе. Не, тие сами се заплеткаа во нивните валкани политички игри – цената конечно политички мора да ја платат, затоа што цената всушност беше тоа што дојдоа на власт. Дојдоа со тие политички лаги за поништување на договорот со Бугарија, за репреговарање на договорот, со масовната хистеријата што ја предизвикаа со паролата „НЕ“ за Бугари во Уставот. И откако на тој начин ја дограбија власта и за кратко време воспоставија класичен диктаторски режим со примеси на деспотија, се соочија со свирепата реалност на геополитиката, се соочија со – вистината. Нивните политички лаги сега се наспроти вистината и реалноста, таа ги демаскира нивните лаги во кампањата која со години подло ја спроведуваа. Сега нека ги сами!! Сами нека жнеат тоа што посеаја со Бугарија и ЕУ, од нивните лаги до нивните навреди на Бугарски политичари и самата ЕУ. Нека сркаат што издробија – а добија власт со нивното такво дробење.

Главниот проблем во овие 6 месеци бескрупулозно практикување на власта им е како да се извлечат од овој ќорсокак во кои самите дојдоа со лагите, со НЕ за Бугари во Устав. Како да сторат нешто за да не изгубат гласачки рејтинг, првенствено кај нивните гласачи. Бидејќи, и покрај веќе емпириски многупати верификуваниот факт дека нивните гласачи се мошне лесно подложни на ефтина пропаганда и со скромен и сомнителен интелектуален и морален капацитет, сепак, таа финта со „НЕ“ за промена на Уставот беше предолго искористувана, присутна во секоја нивна партиска активност и митинг, до толку што се врежа во политичката свест токму на нивните – затоа им е голема маката. И така, дувлото на политички лаги смислува нови и нови лаги, начини, модели, форми, нарации како да се извлече од тој парадокс, да ги внесат Бугарите во Уставот, токму тие кои со години врескаа, го палеа договорот и пееја – НЕ за Бугари во Уставот! Па затоа етапно се редеа и ден-денес се редат небулозни, бесмислени, очајно глупави обиди за спас кај гласачите, па дури и онаа од ЛДП им се приклучи – промена на преговарачката рамка, па одложено дејство, па некакви гаранции од ЕУ, па потоа спаднаа на барање гаранции само од некои држави, а сега најново од оној нивниот се бара декларација на Европскиот парламент, итн. Се разбира, ништо немаше и нема да има како реален резултат од тие нивни обиди да се извлечат од политичката глувчешка стапица која самите ја поставија и во која сами мора да паднат – ЕУ и Бугарија стопати кажаа, земи или остави! Ако остават, брзо ќе биде срушен, секако на демократски начин, нивниот режим, а ако земат – ќе мора да ги гласаат Бугарите во Уставот. И затоа смислуваат вакви боливудски филмови за припроста маса, наречени национални платформи преку кои сакаат тие да владеат а сите да молчат на нивните дејства и дури да ја признаат нивната вина како своја – тие власт, ние, опозицијата да биде виновна што сме заглавени во ќорсокак. Комедија во режија на Ларс фон Трир, на дело во диктаторскиот режим во Македонија!

Ако режимот, скраја да е, успее во жестоката кампања и силниот политички притисок кон СДСМ и другите опозициски партии да прифатат некаква реално фатаморганска и геополитички непосточка „заедничка позиција за одложено дејство на Уставни измени“, затскриено со флоскули за некакво национално единство, тоа ќе буде крај на СДСМ и крај за ЕУ перспективата на оваа држава! Ако СДСМ евентално биде излажан од режимот, во што не верувам, со овие ефтини филмови и флоскули за заедничка позиција во однос на ЕУ, автоматски признава дека згрешиле тогаш кога го прифатија и изгласаа ЕУ-Францускиот предлог, односно ќе признаат дека не биле „патриоти“, дека ја урнисале гордоста на Македонија, дека биле политички предавници итн., се она за што со години ги обвинуваше мицковистичко дпмне и заради кое и успеаја да победат на последните избори, меѓу другото. Такво политичко харакири не верувам дека ќе си направат, дотолку повеќе што вистината е поинаква, дури и спротивна на овие политички будалаштини на мицковистичко дпмне – односно, слабата вкупна позиција на државата е резултат токму на антидржавното и антимакедонско делување на мицковистичко дпмне во изминатите 7 години, во политичка и историска смисла. Конечно, авторот на оваа колумна имаше чест лично да разговара со новиот претседател на СДСМ и да се увери во неговата исклучителна остроумност и неверојатна способност за брзо мислење при разговор за било која политичка тема, и затоа сум сигурен дека исто како и минатиот пат, и овојпат нема да им успее оваа ефтина политичка финта против највисоките национални и државни интереси на Македонија – членство во ЕУ.

Затоа, вие мициња од мицковистичко дпмне и вие од ЗНАМ, сами вадете се од вашата политичка и морална тиња – вие ја создадовте, и сега вие сами најдете си чаре…. ако можете. Но, бидејќи станува се поочигледно дека не можете – ниту ЕУ ниту Бугарската држава нема да дозволат селски, локални политички финтаџии кои со политички трикови и измами на гласачите дошле на власт да ги деструираат основните принципи на ЕУ. И затоа, време е да си дадете оставка и на демократски и фер избори ќе бидете поразени.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

 

Слични содржини