100 електрични автомобили ќе бидат поставени во Чаир, Аеродром и Гази Баба – еве колку ќе чини изнајмувањето

од Nikola Popovski
169 прегледи

Изнајмување на електрични автомобили во Скопје по теркот на електричните тротинети. Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и министерката за енергетика, рудници и минерални суровини, Сања Божиновска денеска го потпишаа писмото за намери за поддршка на првиот проект за 100-процентен електричен „кар-шеринг“. Надлежните соопштија дека се работи за приватна инвестиција на компанијата „Авант кар“ од Словенија. Пилот проектот првично ќе се реализира во општините Гази Баба, Аеродром и Чаир.

Во февруари, кога ќе биде тест-фазата, ќе се знае колку ќе чини изнајмувањето, но како што вели сопственикот на „Авант кар“, Матеј Чер, ќе биде поевтино од користењето на такси услуга и во просек ќе биде од три до шест евра, а од центарот на градот до Скопскиот аеродром ќе чини од 10 до 15 евра.

Во март ќе може да се почне со целосната услуга.

„Како што можете да видите на првата фотографија, во Скопје веќе се подготвени 100 електрични автомобили. Многу се едноставни за користење. Ви треба апликацијата на вашиот телефон и оваа апликација е клучот за секој автомоби. Преку оваа апликација можете да дознаете дали има достапен автомобил, да го резервирате, да го возите и по патувањето да го оставите автомобилот на одреденото место. Исто така ќе можете да го заклучите автомобилот со апликацијата. Плаќањето ќе биде дигитализирано или преку платежна картичка“ , изјави Чер на прес-конференција во Владата.

„Потпишувањето на писмото за намери за поддршка на системот за споделување на електрични автомобили претставува конкретна и видлива акција за решавање на еден од најитните предизвици со кои се соочуваме – загадениот воздух. Ова е можност кон поздраво и поеколошко Скопје“, порача Меџити.

Полначите за автомобили во посочените општини, според министерката Божиновска ќе се напојуваат исклучиво со електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија.

Слични содржини