Антикорупциската комисија констатира дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. На денешната седница, ДКСК утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ, но истакна дека нема надлежност за директна експертиза на дел од документите.
Според пријавите, постојат сомневања за законитоста на безбедносната проверка, валидноста на дипломата за високо образование, сертификатот за англиски јазик и работното искуство на Христовски. Подносителите бараа ДКСК да ги преземе сите потребни дејствија за утврдување на одговорност за корупција и судир на интереси.
Во врска со условот за 12 години искуство од кои пет години на раководни функции, од ДКСК информираа дека од страна на владата е доставен доказ дека има работно искуство.
Во однос на условот да не е поведена постапка за постоење на судир на интереси, во документацијата е доставена изјава со која изјавува дека не му е утврдено постоење на судир на интереси, според која ДКСК смета дека е исполнет и тој услов.
Согласно образложението, од ДКСК побарале и им биле доставени податоци од надлежните институции во кои утврдиле дека заради апликација од страна на апликантот до Владата биле доставени уверение за државјанство, уверение за завршени студии за високо образование седми степен, одлука за одбрана на магистерски труд, уверение за испити положени од прв циклус, доказ за работно искуство, доказ за познавање на англиски јазик како и изјави во однос дека нема забрани за вршење професија, ниту привремена мерка за вршење дејност, како и да изјава дека не е член на политичка партија и дека не му е утврдено постоење судир на интереси.
Според ДКСК, сите доставени податоци биле во насока на исполнување на критериумите.
Претходно и Основното јавно обвинителство Скопје отвори предистражна постапка за ТОЕФЛ сертификатот за познавање на англискиот јазик издаден од училиштето „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија, а кој го употреби Христовски за да ги исполни условите и потоа да биде именуван за директор на АНБ.
Претходно премиерот Христијан Мицкоски најави дека доколку релевантна институција констатира дека директорот на АНБ го лажирал „ТОЕФЕЛ“ сертификатот за познавање на англиски јазик, тогаш ќе биде разрешен.
-Доколку тоа го констатира соодветна институција, а не опозициската СДСМ и исплашените поранешни разузнавачи коишто АНБ ја претворија во тврдина за борба против опозицијата во времето кога ние бевме опозиција тогаш, да. Но, секако тоа нема да биде притисокот што доаѓа од овие кодошко-удбашки инсталации во редовите на СДСМ, за нас креативни соговорници кои треба да нѐ натераат да работиме под притисок. Напротив, дополнително ме мотивира кога овие кодошко-удбашки инсталации во СДС и ДУИ напаѓаат чесни луѓе кои си ја сакаат и работат за својата татковина, рече неодамна Мицкоски.
МВР во текот на оваа година поднесе кривични пријави против најмалку тројца функционери поради сомневање дека приложиле фалсификувани сертификати од училиштето за странски јазици „Јулија КО.“ во Пловдив. За две директорки, едната на училиште во Драчево и другата на болница во Дебар, постои судска пресуда. Тие признале вина и биле осудени на две години условно.
Христовски е поранешен припадник на Управата за безбедност и контраразузнавање, кој по формирањето на АНБ не беше вработен во Агенцијата бидејќи не му беше издаден безбедносен сертификат. Образложението за одземање на сертификатот е учество на неговиот татко во протестите против Преспанскиот договор и сомнежи за руско влијание. И Христовски и неговиот татко ги негираа обвинувањата и тврдеа дека се измислици на поранешната власт за да го елиминираат од службата.
Тој потоа поднесе тужба поради одземањето на сертификатот. Управниот суд донесе одлука дека му е одземен незаконски и тој повторно го доби назад, по што со друга судска одлука беше вратен на работа во МВР.
Во Законот за АНБ постојат прецизни одредби под кои околности може предвреме да престане мандатот на директорот на АНБ и поради што може да биде разрешен од функцијата.