Директорот на фабриката за електрични автомобили на Tesla во Гринхајд, во близина на Берлин, рече дека е оптимист за иднината на фабриката и покрај проблемите на германскиот пазар.
Фабриката испорачува на 37 пазари, главно во Европа, но и на Блискиот Исток и Тајван, изјави директорот Андре Тириг.
Тириг за ДПА изјави дека единствената европска фабрика на Tesla ја гледа како „светилник во автомобилската индустрија“. „Покажавме дека е можно успешно да се произведуваат електрични автомобили во Германија“, додаде тој.
Продажбата на е-автомобили во Германија повторно падна во ноември, покажуваат податоците на Федералната асоцијација на моторни возила.
Во ноември беа регистрирани речиси 35.200 нови е-возила, вклучително и 2.200 од Tesla. Вкупниот број на регистрации е намален за 22 отсто во однос на ноември минатата година.
Tesla, чиј сопственик е милијардерот Илон Маск, планира да го удвои производството во Гринхајд од планираните половина милион автомобили годишно на еден милион. „Ние сме оптимисти за иднината“, рече Тириг.
Иако компанијата доби зелено светло од покраината Бранденбург за првиот чекор, плановите за проширување во моментов се во мирување поради тешката состојба на пазарот.
Tesla имаше проблеми од почетокот на годината, вклучително и двонеделен прекин на производството во јануари и февруари поради недостиг на делови предизвикани од нападите на јеменските Хути врз бродови во Црвеното Море.
Компанијата се соочува и со се поголем број протести од еколошки активисти, од кои некои кампуваат во шумата во близина на фабриката за да го спречат нејзиното проширување.
„Секако дека би сакале да имавме еден или два помалку прекини, но генерално годината ќе ја завршиме позитивно“, заклучи Тириг.