Кривичен ја одби жалбата на Груби и го потврди притворот

од Nikola Popovski
30 прегледи

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба изјавена од одбраната на екс-вицепремиерот Артан Груби, против решението на судија на претходна постапка, донесе одлука со која ја одби жалбата на одбраната и го потврди решението на судија на претходна постапка.

Инаку на 17.12.2024 година Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Јавниот обвинител за определување мерка притвор против Груби и Перпарим Бајрами, поврзани со истрагата за „Државна лотарија на РСМ“, а по добиено известие од МВР дека истите се недостапни за органите на прогон, донесе решение со кое го прифати предлогот и на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена која започнува да се спроведува од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода.

Груби и Бајрами и официјално станаа бегалци, барани со меѓународна потерница. Фотографиите, заедно со податоците на двајцата осомничени во случајот „Лотарија“, за проневера на околу осум милиони евра се на официјалната страница на МВР.

Првичните информации во јавноста беа дека Груби се наоѓа во Косово, по што актуелниот вицепремиер Изет Меџити во интервју за албанската ТВ „Ора њуз“ изминатиот викенд кажа дека неговите информации се оти тој повеќе не е во Косово туку во Албанија.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, ден потоа, на 22 декември, рече дека не би шпекулирал каде се наоѓа поранешниот прв вицепремиер.

Од ВМРО-ДПМНЕ со апел до ДУИ и СДСМ, да го осудат бегството на поранешниот вицепремиер кој се наоѓа на американската црна листа и да го повикаат да се врати.

-Досега нема официјална потврда до МВР за сите оние бегалци од правдата. Засега и формално, би кажал дека е недостапен за органите на прогонот. Би сакал да се одважи во иднина и како што кажа дека е чист како солза, да пристигне во Македонија. МВР има капацитет да ја гарантира неговата сигурност. Сите органи кои се надлежни за ваков тип на постапка ќе си постапат, рече вчера министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за бегството и сегашната локација на Груби.

СДСМ одговорноста за бегството на Груби ја префрла на МВР. Од партијата велат дека полицијата целосно потфрлила во акцијата за спречување на Груби да ја напушти државава. Изразуваат сомневање дека неговото бегство било договорено.

Министерот Панче Тошковски претходно информираше дека за „Лотарија“ се поднесени кривични пријави против осуммина, меѓу кои и за поранешниот премиер, Димитар Ковачевски. Тој тврди дека работел според законот.

Обвинителството појасни дека за Ковачевски и Димовски, пријавите се за други дејствија во друг временски период и оти проверките продолжуваат.

Слични содржини