Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска изјави дека по преземањето на функцијата ќе му нареди на Министерството за правда „енергично да ја спроведе“ смртната казна со цел да ги заштити Американците од „насилни силувачи, убијци и чудовишта“.
Со таа изјава на својата социјална мрежа „Вистина“ (True Social), Трамп одговори на вчерашната објава на претседателот во заминување Џозеф Бајден дека ја заменил смртната казна на 37 од 40 федерални затвореници во доживотен затвор без помилување, пренесува Ројтерс.
„Веднаш штом ќе ја преземам функцијата (20 јануари), ќе му упатам на Министерството за правда енергично да ја спроведе смртната казна за да ги заштити американските семејства и деца од насилни силувачи, убијци и чудовишта“, рече Трамп.
За време на неговиот прв претседателски мандат, од 2017 до 2021 година, Трамп ги обнови егзекуциите за злосторства на федерално ниво, по пауза од речиси 20 години.