Изгласан Буџетот на Град Скопје за 2025 – приватните превозници добија повисока цена по километар

од Nikola Popovski
373 прегледи

Советот на Град Скопје со 28 гласа „за“ и два „против“ го изгласа буџетот на Град Скопје за 2025 година, кој изнесува 140 милиони евра. За предлог-буџетот беа поднесени 42 амандмани од повеќе политички партии, но по координацијата на советничките групи со претседателот на Советот, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска, дел од нив беа самостојно повлечени од предлагачите, а дел се одбиени поради технички неправилности.

На дневниот ред за вчерашната седница на Советот имаше околу 40 точки. Меѓу последните на дневиот ред беше и точката со која се бараше и се усвои цената по изминат километар на приватните превозници да се зголеми за 20 денари. Приватните превозници минатиот месец протестираа и сосема престанаа да возат барајќи да им се зголеми цената која ЈСП им ја плаќа, поради тоа што таа не е променета од 2015 година и не им ги покрива трошоците за услугата која ја вршат.

Приватните превозници побараа зголемување без да прецизираат за колку, а претходно на средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ договорија зголемувањето да биде 30 денари. Ваквата цена не беше прифатлива за градската администрација, бидејќи била изгласана без никаква пресметка и анализа според законска формула. Во период од две недели беше изработена анализа по која вчера и гласаа советниците.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески на почетокот ја истакна целата хронологија на случувањата по ова прашање и за одржаната 16-та вонредна седница на Советот каде се расправаше.

-По иницијатива на член на Советот одржавме 16-та вонредна седница каде што по неколкучасовна расправа беше предложен заклучок кој тука беше изгласан со мнозинство од присутните. Со оглед на тоа што службите на Град Скопје, односно Секторот за поддршка на Советот не го изготви или не го даде заклучокот за да го проследам до градоначалникот. Заклучокот беше подготвен и проследен до градоначалникот. Градоначалникот по закон има обврска во рок од седум дена да го објави прописот, во овој случај заклучок или ако не го објавува да даде образложение зошто не го објавува. Тоа не е направено. Поради тоа, јас како претседател на Совет поднесов претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа и тие извршија надзор, изготви записник во кој беа констатирани неправилности во работата на администрацијата на Град Скопје од аспект на бојкот за неброење на гласовите, неизготвување на прописи и итн. И вчера на 23 декември претходеше записник, донесено е решение од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа со кое што се изрекува мерка опомена на градоначалник на Град Скопје Данела Арсовска. Опомената се изрекува токму поради непостапување за необјавување на пропис во Службен весник, во овој случај заклучокот во дадениот рок и недавање образложение зошто тоа не е направено, рече Славески.

Овој буџет за 2025 година е последен што сее носи во мандатот на градоначалничката и на актуелниот состав на Советот.

Од Левица обвинија дека „широката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ во Советот на Град Скопје заедно сложно го изгласаа Буџетот“.

-За жал, одлуката за набавка на нови еко автобуси повторно не доби подршка и Скопје нема да добие нови автобуси! Ова е класичен доказ дека во Советот на Град Скопје позициите на опозиција и власт на партиите од широката коалиција се менуваат константно, во согласност со партиските директиви и интереси, но на штета на интересите на граѓаните, истакнаа од Левица.

Слични содржини