Владата на денешната седница го задолжи Министерството за економија и труд да испрати насока до Државниот пазарен инспекторат, да излезе веднаш на терен и да утврди фактичка состојба, да се утврдат неправилности и злоупотреби со поскапувањата на одредени производи за широка потрошувачка и да се направи анализа за минатите 30 дена. Вака синоќа објави премиерот Христијан Мицкоски по, како што рече, триковите на дел од трговците.
Во својата објава на социјалните мрежи, премиерот додаде:
„Нема да дозволам на грбот на граѓаните неодговорни трговци да направат екстра профит злоупотребувајќи ја нашата и граѓанската доверба. Нема место за таков вид на профитери“.
Шефот на македонската Влада им се налути на трговците велејќи дека е срамота тоа што го прават пред празниците. Апелираше да ја преиспитаат одлуката и да се придржуваат до она што е договорено со Владата. Пазарната инспекција почнува со робустна акција.
Новогодишната кошница е измама и манипулација, критикуваат социјалдемократите. Ја обвинија Владата дека трговците се богатат на грбот на граѓаните додека народот осиромашува. Од СДСМ порачаа да се прифатат нивните барања за пораст на минималната плата и за укинување на ДДВ на храната.
Граѓаните се жалат дека пред да стартува мерката „новогодишна кошница“, цените на дел од основните прехранбени продукти пораснале и дека не забележуваат поголемо намалување на цените.
Со мерката „новогодишна кошница“, која важи до 15-ти јануари, се опфатени над 1.000 производи.