Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски информира дека на одредени продукти во маркетите, цените им се зголемени до 25%. Вели дека тоа не е етичко однесување во пресрет на празниците. Според премиерот, ќе има реакција од институциите, а доколку продолжат, реакцијата ќе биде уште поробусна во периодот што следи.
-На ваков начин не треба да се прават големи профити. Граѓаните очекуваат разбирање од нив, а не наеднаш да се зголемуваат производите. Тоа е нечовечно однесување, рече премиерот на настан за започнување на проектот за реконструкција на коловозот на пат кон Манастирот „Пеленица“ во Општина Кисела Вода.
Мицкоски истакна дека имаат и други мерки кои можат да ги преземат за производите да не поскапуваат по започнувањето на мерката „новогодишна кошничка“.
Премиерот вчера апелираше до трговците да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи и најави дека ќе побара од Пазарниот инспекторат вонредна инспекција со цел да се утврди како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена.
Со мерката „Новогодишна кошничка“, која важи до 15 јануари, се опфатени повеќе од илјада производи. Беше направена во соработка со трговските и производителите со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните празници. Надлежните очекуваа намалување на прехранбените производи за околу 10 проценти, но граѓаните се жалат дека не се забележува некое поголемо намалување на цените и дека се зголемени цените на основните прехранбени производи како брашното, зејтинот, јајцата…