Влез на трет мобилен оператор, за Македонија да не биде обележана со црна боја на европската мапа

од Nikola Popovski
205 прегледи

Групацијата 4iG, преку својата подружница ОНЕ Македонија Телекомуникации, официјално достави писмо за намери до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), каде го изразува својот интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во Македонија. Овој чекор, велат од групацијата, преставува значителна пресвртница во плановите на 4iG за да придонесе во модернизација на телекомуникациската инфраструктура во земјата и да внесе засилена конкуренција во секторот. Во текот на следните месеци, компанијата ќе соработува со AEК за достапноста на радиофреквенциите, да се обезбеди усогласување со регулаторните рамки и да се продолжи со долгорочната стратегија за развој во регионот.

Од Групацијата велат дека ја имаат поддршката од македонската Влада, којашто очекува со доаѓањето на нов оператор да се зголеми пазарната конкуренција, да го подобри квалитетот на телекомуникациските мрежи, и со тоа да се забрза дигитализацијата на земјата.

Која е понатамошната процедура? 

Покрај тоа што „4iG“ регистрираше компанија во Македонија битен предуслов за да се започне постапка за доделување на радиофреквенции, во согласност со Законот за електронските комуникации (ЗЕК) е да се поднесе официјално Писмо на намера до АЕК, велат од Агенцијата преку изјава за „Локално“. Писмото е поднесено на 17-ти декември и во согласност со ЗЕК, следен чекор е да се објави од страна на АЕК, јавна расправа која не може да трае пократко од 30 дена, на која сите заинтересирани страни ќе го изразат својот став.

-По завршувањето на Јавната расправа, АЕК треба да ги објави резултатите и својот став. Во зависност од исходот на Јавната расправа постапката понатаму продолжува со Јавен тендер или со Јавен тендер со јавно наддавање. АЕК веднаш може да ја отвори Јавната расправа по поднесената Намера, но треба да се има предвид дека во намерата најпрво се бара да се организира состанок помеѓу 4iG и АЕК кој би требало да се реализира после 20/01/2025. За очекување е јавната расправа да се отвори на почетокот на февруари 2025, потенцираат од АЕК.

Од АЕК се децидни дека има простор за трет мобилен оператор во Македонија. Оттаму посочуваат дека ако се мисли на радиофреквенциски ресурси, АЕК веќе презеде низа регулаторни мерки уште по спојувањето на ВИП и ОНЕ во „Оне.Вип“ во кое се случи кон крајот на 2015 кога пазарот за влез на нов оператор беше практично затворен.

-Од 2017 скоро во сите радиофреквенциски опсези АЕК предвидел сосемо доволно радиофреквенции за влез на нов оператор. Ако се мисли на пазарни услови, секако дека и тие ги има. Многу држави во Европа кои се по големина и географска конфигурација слични или дури и помали од Македонија имаат по најмалку три мобилни оператори. Такви се: Словенија, Косово, Црна Гора, Малта, Кипар, Фарски острови,… Во моментов во Европа само Македонија и Албанија од неодамна, се држави со само два мобилни оператори и на мапата на Европа се обележани со црна боја поради недоволно развиена конкуренција во оваа област. Останати придобивки би биле следниве:

Македонија ќе добие трет мобилен оператор, ќе се зголеми конкуренција, односно ќе се задоволат потребите на македонското општество, ќе се зголеми квалитетот на мрежи/услуги за подобра цена, негативниот извештај на ЕК во овој дел ќе се корегира, ќе се обезбеди стабилен телекомуникациски сектор, ќе се обезбеди работа за најмалку 300 подобро платени работни места, младите инжинери ќе останат во Македонија, ќе се обезбеди работа за 30-50 македонски компании што ќе донесе додадена вредност во македонската економија. Европа ќе ја добие прватa 5G SA (Stand Alone) мрежаа со тоа Македонија ќе стане лидер во Европа, појаснуваат од државната агенција.

Во одговорот од АЕК се истакнува дека за очекување е да се појави интерес кај граѓаните, но прво треба да има понуда, а интересот секако ќе дојде сам по себе имајќи ги предвид карактеристиките што таа 5G NR SA мрежа ќе ги понуди.

Дека на Македонија ѝ е потребен трет мобилен оператор уште поодамна порача министерот за транспорт Александар Николоски. Тој вели дека на македонскиот пазар постои дуопол и треба да се бараат мерки за да поевтинат услугите за граѓаните но и за бизнисите. Министерот како причина за воведувањето на трет оператор ги наведе цените на мобилната, кабелската телевизија и интернет-услугите кои во земјава се повисоки од најголем дел од европските држави.

На 18 октомври групацијата соопшти дека по неколку успешни аквизиции во Албанија и Црна Гора, 4iG Group започнала со подготовки за влез на пазарот, со основање на подружница „ONE Macedonia Telecommunications“.

-Со одлука на Одборот на Групацијата донесена минатиот петок, новата компанија ќе биде основана од Antenna Hungária Zrt., дел од 4iG Group, под којашто е телекомуникациското портфолио на инфо-комуникациската групација во Унгарија и во Западен Балкан. Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија, соопшти тогаш групацијата.

На пазарот на мобилни комуникации во државата активни се два мобилни мрежни оператори, три виртуелни мобилни оператори и еден оператор препродавач. На пазарот на мобилна телефонија се регистрирани 2.074.021 активни претплатници, во кои мрежните оператори А1 Македонија и Македонски Телеком имаат удел од по 47,62  односно 47,24 проценти.

Влезот на трет мобилен оператор се смета за позитивен потег кон поголема конкуренција и подобрување на стандардите во мобилната индустрија во Македонија. Граѓаните со нетрпение очекуваат да видат како оваа промена ќе се одрази на нивните секојдневни животи и на општеството во целина.

Н.П.

Слични содржини