Бранот на отпуштања во технолошкиот сектор се уште е силен, а годинава се забележани повеќе од 130.000 отпуштања во 457 компании, покажуваат податоците на порталот „Лејофс“, кој ги следи отпуштањата.
Големите компании како Тесла, Амазон, Гугл, Тикток, Снеп и Мајкрософт отпуштија значителен број работници во првите месеци од 2024 година, а помалите стартап компании исто така беа принудени да направат кратења, додека во некои случаи целосно ја прекинаа работата.
Најлош месец за многумина вработени во технолошкиот сектор бил јануари, кога биле отпуштени 34.107 работници, а потоа следат август со 26.024 отпуштања и април, при што биле отпуштени 22.423 лица.
Следејќи ги овие отпуштања, можеме да го разбереме влијанието врз иновациите кај големите и малите компании, како и пенетрацијата на вештачката интелигенција (AI) во работните места за кои претходно се мислеше дека се заштитени од надворешни влијанија, додава технолошкиот портал.
На пример, платформата за учење јазик Duolingo потврди дека отпушта 10 отсто од својот персонал бидејќи планира повеќе да користи вештачка интелигенција за да го насочи производството на содржина и преводите што претходно ги правеле луѓе.