Доктор Никола Пановски на Фејсбук објави дека вчера доживеал несреќа, во која за малку можел да загине.
– Вчера, 24.12.2024, 11 часот наутро, на раскрницата на ул. Никола Тесла со Илинденска (кај Трибека, и гим. Орце Николов), се движам по ул. Н.Тесла кон Илинденска со велосипед, закачувам за нешто со педалата, минувајќи меѓу колите кои чекаа на црвено, и тротоарот, и паѓам на стомак пред џипот кој чека прв на семафорот. Се испружувам раширен со сите четири на асфалтот, јас напред со рацете, а велосипедот поназад заедно со моите нозе. Таман почна да ми тече крв од нос и се спремав да се исправам, кога шок. Џипот тргнува и ме покрива, таман е толку висок што само ми ја допира мојата голема глава, но ме стиска силно на десниот колк и на десната нога.
Да ја завршам случката. За чудо, успеав да станам, целиот згмечен и во прав, крв од носот, очилата летнати (баш нови и скапи), ама ок беа, лаптопот и мобилниот преживејаа, велосипедот во посмртни остатоци, ама ќе се поправи, велосипедот ем ме турна во смрт, ама и ме спаси. Возачот на џипот ме зема во возилото, велосипедот во багажник и ме однесе дома. Го оставив смачканиот велосипед во гаража, се качив на друг и отидов на седница на Совет на Град Скопјев каде што бев и тргнат, истресов прашина и влегов во 11.30, доцнев 10 минути. По некое време гледам дека ме затега ногавицата кај подколеницата. Оток како тениско топче. На пауза отидов дома да се пресиблечам, кога потколеницата се наду како топка, и почнаа силни болки. Не можев ни до вц да одам без помош. Денес сум подобар, сам се движам, десната потколеница е само двапати подебела од левата, вчера беше трипати подебела и не ме боли. Лесни болки во рамо, колк, носот. Утре и ќе излезам од дома, значи ок сум физички, а психички сум се уште во шок, па затоа ја напишав оваа порака до возачите.