Вучиќ тврди дека светски сили стојат зад студентските протести оти „не можат да поднесат Србија да биде водечка сила во регионот“

од Nikola Popovski
611 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа изјави дека студентските протести во неговата земја всушност не се студентски протести и дека имаат поддршка од надвор, а една од причините зошто се случиле е неговото противење на усвојувањето на Резолуцијата за Сребреница во ОН.

Српската напредна партија синоќа во Сава центарот во Белград одржа трибина „Иднина, а не минато“, која беше најавена како „дел од пошироката иницијатива за дијалог со младите“.

Српскиот претседател на средбата рече дека има многу докази дека последните настани во Србија „имаат огромна поддршка однадвор“, осврнувајќи се на студентските протести.

Тој посочу дека протестите не се студентски протести и дека „светските сили“ треба „сега да ја завршат валканата работа во Србија“, а за тоа наведе три причини.

„Тие сакаат што поскоро да ја завршат работата за Косово, не можат да поднесат Србија да биде водечка сила во регионот, како и тоа што Србија се спротивстави на гласањето за Резолуцијата за Сребреница во ОН“, истакнал Вучиќ.

Оваа година, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудените за воени злосторства. Освен Србија, Русија, Кина и Унгарија, против него беа и некои африкански и азиски земји, Куба и Никарагва и Венецуела.

Вучиќ ниту синоќа а не одговори на прашањето дали и кога ќе ги исполни барањата на студентите кои со недели протестираат ширум земјата барајќи одговорност и правда за падот на настрешницата во Нови Сад и смртта на 15 луѓе.

„Нова.рс“ пишува дека синоќа на студентите повторно им ги спомнал специјалните единици – Кобра и „фактот“ дека „доколку тој сака може да ги прекинат студентските блокади за неколку секунди“. Изјава со слично расположение, која многумина ја протолкуваа како закана за студентите, можеше да се слушне пред неколку дена во една телевизиска емисија.

Слични содржини