Путин: Нема време да се потпише нов договор за транзит на гас со Украина

од Milan1
62 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека не останува време за потпишување на нов договор за транзит на гас преку Украина и ја обвини таа земја што одбила да го продолжи договорот со кој гасот се носи во Словачка, Чешка и Австрија.

„Тие најавија дека нема да го продолжат договорот“, рече Путин и додаде дека Киев со тој потег ја казнува Европа, пренесе „РИА Новости“.

Нема договор и невозможно е да се склучи за три или четири дена, изјави Путин на новинарите.

Договорот склучен во 2019 година за транзит на руски гас во Европа преку украинска територија истекува на 31 декември, а Киев повеќепати најавуваше дека не планира да го обнови.

Минатата недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли можноста за транзит на руски гас во Европа преку украинска територија по 31 декември, дури и ако го купат трети земји.

Русија се обидува да стави крај на конфликтот во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва работи на прекин на конфликтот во Украина, додавајќи дека Русија може повторно да ја употреби ракетата Орешник доколку е потребно, но дека нема да брза да го стори тоа.

Тој посочи дека доколку е неопходно руската армија да користи помоќно оружје со среден дострел, тоа ќе го стори, пренесува РИА.

„Русија одговара реципрочно. Некој користи одредено оружје против нас, а потоа ние го користиме истото“, рече Путин.

Тој изјави дека главен приоритет на Русија е благосостојбата на нејзините граѓани.

Путин по средбата со словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека Словачка е подготвена да обезбеди платформа за преговори за Украина и дека Русија не е против таква опција.