Снимено е бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби. Камерите на граничниот премин „Блаце“ со Косово работеле 24 часа. Министерот за внатрешни Панче Тошковски вчера откри нови детали за тоа како поранешниот прв вицепремиер ја напуштил Македонија.
Заминал во раните утрински часови откако некој во МВР му дојавил дека се води полициска акција против него, кон границата се упатува со дипломатско возило. Полицискиот службеник го пропушта Груби кој седи на совозачкото седиште иако тој веќе бил ставен на „стоп-листа“ на МВР. Тошковски тврди дека се води темелна истрага за да се утврди дали граничарот направил ненамерна грешка или ја злоупотребил службената положба.
„Наместо да констатира дека е на „стоп листа“ истиот вознемирен и возбуден од страна на политичката големина на лицето и луксузот на возилото, без да постапи по стандардно процедура, го пропушта и тој излегува непречено од територија на Македонија. А кога службеникот констатира што направил, лицето веќе е на територија ан Косово. Согласно сите докази во постапката констатирано е дека од страна на внатрешна контрола, полицаецот сторил кривично дело несовесно работење во служба или злоупотреба на службена положба и до ОЈО е доставено кривична пријава по насока на јавен обвинител. Полицаецот постапил спротивно на закон и затоа има видео запис за се што говори и ова е неспорно“, изјави вчера Тошковски.
Министерот истакна дека видео надзорот на граничните премини работи, но не и боди камерите кои ги носат полициските службеници, вели дека дел од нив се надвор од функција неколку години. За ова казна заработил и раководителот на граничниот премин, поради неговата немарност да ги промени батериите.
Министерот за внатрешни ги отфрли обвинувањата дека ВМРО-ДПМНЕ во соработка со полицијата го пуштил Груби да бега во Косово. Според последните изјави Груби од Косово заминал за Албанија. Поранешниот прв вицепремиер во моментов не е достапен за органите на прогонот откако пред десет дена ја напуштил државата. Кривичниот суд на 17-ти декември му одреди 30 дневен притвор, а наредниот ден МВР распиша меѓународна потерница.