Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека неговиот американски колега во заминување Џо Бајден му предложил одложување на приемот на Украина во НАТО во 2021 година, пред почетокот на руската агресија врз Украина.
„Знам дека сегашниот претседател Бајден зборуваше за тоа, не е тајна, уште во 2021 година. Тој само ми предложи да се одложи влезот на Украина во НАТО за 10 до 15 години, бидејќи таа сè уште не е подготвена“, им рече Путин на новинарите во прес-конференција во Санкт Петербург.
Тој изјави дека се согласува со оценката на Бајден дека Украина не е подготвена. „Од историска перспектива, тоа е момент. За нас каква е разликата, денес, утре или 10 години од сега“, додаде Путин.
Додаде дека, во врска со ова, не бил запознаен со изјавите на тимот на Трамп. „Не знам како понатаму ќе се развива оваа ситуација, какви ќе бидат инструкциите на новоизбраниот претседател до неговите колеги. Ќе видиме“, рече Путин.
Истакна дека словачкиот премиер Роберт Фицо за време на неговата посета на Москва во неделата изразил подготвеност на неговата земја да обезбеди платформа за преговори меѓу Москва и Киев, а со тоа се согласил и Путин.
Русија го наведува проширувањето на НАТО кон нејзините граници како една од клучните причини за започнување на „специјална воена операција“ во Украина на 24 февруари 2022 година.