ВЛЕН: Се подготвува катанец за ДУИ

од Nikola Popovski
307 прегледи

ДУИ нон грата се урива како кула од карти. Оние кои 20 години ја упропастија државата со корупција и криминал денеска се соочуваат со правдата. Артан побегна, Бајрами исчезна, а Мерко остана без пасош, велат од коалицијата ВЛЕН преку соопштение.

ВЛЕН поставува реторичко прашање дали ова е можеби „најдобриот подарок за Нова Година“.

-Голем катанец за затворање на штабот на партијата која ја врати корупцијата во системот. ДУИ сега е синоним за измама, кражба и предавство на албанскиот народ. Но, нивниот крај започна, нивните бегства се само доказ дека никој не бега од правдата!

-Рамиз Мерко нон грата, познат како ‘кралот’ на Струга, денес се соочува со своите злодела. Обвинителството, судовите и МВР кои некогаш го штитеа, денес не можат да го спасат. Граѓаните избраа промени и Влен носи правда!, се додава во соопштението на здружената владина коалиција составена од три партии.

МВР откри неколку случаи на корупција во изминативе месеци, законот стига до секого, и до оние што мислат да се сокријат-порача вчера министерот Панче Тошковски. Вели, и покрај сите наоди од МВР за случајот за проневера на 6,5 милиони евра од екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, обвинителот не побарал притвор.

Јавното обвинителство покрена две одвоени постапки за криминал во „Државна лотарија“. Првиот, во којшто осомничени се екс-директорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами и екс-вицепремиерот Артан Груби, и две лица членови на комисии во Лотарија за злоупотреби на јавен повик и издавање лиценци. И вториот, за злоупотреба при јавни набавки за „Државната лотарија“ против екс-директорот на државна лотарија Бајрами и за Артан Ајрули, сопственик на компанија од Куманово која добила шест тендери за набавка на опрема за ТВ-извлекување во Лотарија вредни 370 илјади евра. Првиот човек на полицијата објави, истрагата ќе се проширува, има сомневања и за други лица.

МВР покрена меѓународна потерница за екс-вицепремиерот Груби и екс-директорот на „Државна лотарија“, Бајрами, коишто се надвор од државата.

Основното јавно обвинителство Струга до струшкиот суд достави предлог за определување мерки на претпазливост за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко односно одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница и обврска тој повремено да се јавува во Судот. Мерките се побарани поради опасност од бегство, имајќи предвид дека во текот на вчерашниот ден ОЈО Струга поднесе уште едно обвинение против истото лице.

Надлежен јавен обвинител, по спроведена претходна постапка, поднесе Обвинителен предлог затоа што обвинетиот, како градоначалник на општина Струга, во март годинава, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.

Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон.

Имено, со последното поднесено обвинение вчера, во основните судови во Струга и во Битола, против обвинетиот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му е запретена и затворска казна.

Слични содржини