Законодавниот дом од петок повторно ќе работи, а на првата пленарна седница закажани се интерпелациите за првиот вицепремиер Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот на внатрешни работи Панче Тошковски, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Иљире Даути.
Интерпелациите за Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и за Исеини на 3 декември ги поднесе пратеничката група на „Европскиот фронт“ по апсењата за инцидентите при одбележувањето на Денот на албанското знаме.
Интерпелацијата, пак, за Илире Даути ја поднесе партијата Левица на крајот на ноември оти во рок од 24 часа не го ставила на дневен ред на собраниска комисија законот за бранители.
„Изет Меџити, како прв заменик – претседател Албанец на Владата и претставник на албанскиот народ во владата, е одговорен за управувањето со ситуациите кои се случуваат во земјата вклучувајќи ги меѓуетничките односи. Наместо да делува како гарант за мирот и меѓуетничката интеграција, тој не успеа да ги заштити интересите на албанската заедица и да придонесе за зачувување на општествената хармонија. Напротив, тој толерираше дискриминација и молчеше за неправдите кон оваа заедница“, напишаа ДУИ во Интерпелацијата за Меџити.
Втора точка на дневниот ред е Интерпелацијата за работата на заменик – претседателот на владатали министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ, исто така поднесена од пратениците на ДУИ.
Интегративците бараат одговорност од Стоиљковиќ затоа што според нив, дозволил ситуацијата да ескалира, со што се создала атмосфера на тензија и поделби меѓу етничките групи. Во Интерпелацијата за Стоиљковиќ, интегративците напишаа:
„Неприфатливата интервенција на полицијата за време на прославите на Денот на албанското знаме беше повеќе од непотребна. Наместо да го одржи јавниот ред и безбедноста, таа создаде напнатости и создаде конфронтациона клима. Министерот Стоиљковиќ не реагираше на ова неприфатливо дејство, кое го наруши правото на граѓаните Албанци да го прослават овој симболичен датум без пречки“, пишува во Интерпелацијата за Стоиљковиќ.
Трета точка на дневниот ред на седницата е Интерпелацијата за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поднесена од пратениците на ДУИ. Во Интерпелацијата тие напишаа:
„Министерството за внатрешни работи не успеа да преземе мерки за обезбедување на безбедноста на граѓаните и за заштита на нивните права на еднаков начин. Кога се случуваат вакви инциденти, должност на министерот за внатрешни работи е да обезбеди спроведување на законот за сите без дискриминација и да интервенира со професионализам и воздражаност за да се спречи ескалација на насилството. Неспособноста да се направи тоа, доведе до опасна криза за мирот и стабилноста во земјата“, напишаа интегративците.
Четвртата точка на дневниот ред е резервирана за Интерепелација со која интегративците бараат одговорност за работата на заменик министерот за внатрешни работи, Астрит Исени.
„Заменик-министерот Исени не успеа да обезбеди праведно и непристрасно однесување на институциите за спроведување на законот за текот на инцидентите што се случија за време на прославата на Денот на албанското знаме. Интервенцијата на полицијата за овие настани беше без преседан и неодговорна, нарушувајќи го правото на граѓаните да прослават еден важен ден и создавајќи непотребни меѓуетнички тензии“, пишуваат интегративците.
Петата интерпелација на дневиот ред на 29. собраниска седница е за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, поднесена од пратениците на Левица.
Во доставената Интерпелација до пратениците, пишува:
„Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади – Илире Даути, во нејзиниот краток мандатен период, започна и продолжува да работи своеволно, несовесно, непрофесионално, а згора на тоа и противправно, противуставно, противзаконски и противделовнички. Даути уште на правата одржана комисиска седница направи преседан кога свесно и злонамерно ги прекрши позитивните прописи на работата на законодавиот дом“ , пишува во Интерпелацијата.
Во Интерпелацијата е наведено дека Даути, не свикала седница по барање на претседателот на Собранието; Не свикала седница по барање на најмалку една третина од членовите на Комисијата и не дозволила да се внесат точки на дневниот ред на седницата на Комисијата.
Сепак, епилогот е извесен, откако не само мнозинството, туку и партиите од опозицијата најавија дека нема да ги поддржат.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на 26 декември рече дека за секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор.
„Најавата е дека веќе на почетокот на јануари ќе биде свикана првата седница ќе биде за тоа. Очекуваме околу 10 јануари, но сè уште не е свикана седницата. Ќе бидат ставени на дневен ред како што е по Деловникот. Ако има одговори, ќе бидат ставени на дневен ред како што доаѓаат одговорите, ако не, ќе ги ставиме на дневен ред како што доаѓале. Интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ во нашиот правен поредок. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија за една тема, за еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието“, рече претседателот на Собранието, Гаши.