Ламин Јамал веќе некое време е на врвно ниво во клуб како Барселона, а има само 17 години. Веќе е репрезентативец на Шпанија, игра на позицијата на која играше Лионел Меси, но сепак Аргентинецот не му е омилен фудбалер.
Веќе е препознатлив начинот на кој игра Јамал. Тој е многу брз, агилен и агресивен, а оваа сезона во Ла Лига веќе постигна пет гола и дури десет асистенции.
Јамал игра претежно на десното крило, позиција на која Лионел Меси остави најдлабока трага во клупската историја. Сепак, Аргентинецот не му е идол од неговото детство, туку поранешниот соиграч на Меси од неговите денови во каталонскиот клуб:
„Имав пет години кога го видов Нејмар како игра во Сантос. Потоа две години подоцна го сретнав на Камп Ноу. Тоа беше неверојатно чувство. Токму тогаш и Меси беше во Барселона, тој е фантастичен играч, но Нејмар е нешто друго. Тој отсекогаш бил и ќе биде мој идол. Нејмар е ѕвезда и фудбалска легенда“, изјави Јамал во интервју за Си-Ен-Ен.
Јамал многу рано се најде во центарот на вниманието и тоа не го погоди, барем не покажува. Како Јамал го коментира тоа?
„Сè се случи многу брзо. Тоа не е нормално за тинејџер, но убаво е. Прекрасно е чувството да се бележат успеси. Сето тоа го оставам во минатото и гледам во иднината. Сепак, се трудам да уживам во моментот, бидејќи тоа е нешто што мајка ми ме научи уште од мали нозе“.
На 17-годишна возраст, врсниците на Јамал се грижат само за училиштето, но ниту суперѕвездата на Барселона не е ослободена од домашните задачи.
„Морам да одам на часови секој ден и да си ја работам домашната задача. И навистина ги извршувам моите училишни задачи секој ден. Сепак, тие се со разбирање и ако има некој важен натпревар, ме поштедуваат. Но, ако препознаат дека е полесен период во однос на клупските обврски, веднаш ми даваат дополнителна домашна задача“, вели Ламин Јамал.
Талентираниот крилен напаѓач оваа сезона повторно блеска. Покрај одличните игри во Барселона, тој е еден од главните столбови на шпанската репрезентација.