Најмалку 20 лица се уапсени во округот Лос Анџелес поради грабежи за време на шумските пожари кои беснеат во областа, изјави членката на надзорниот одбор на тој округ, Кетрин Баргер.
Таа ги нарече разбојниците „опортунисти“.
„Нема да дозволиме ова да продолжи да се случува. Нема да стојам на страна и да дозволам трауматичното искуство да се влоши“, рекла таа на прес-конференција, пренесе Си-Ен-Ен.
Полицијата во Лос Анџелес ги истражува последните информации поврзани со пожар што неодамна избувна во овој град, а за кој се верува дека е подметнат пожар.
Како што јави американскиот Ен-Би-Си, мештаните извршиле граѓанско апсење на лице кое било во непосредна близина на местото каде што избувнал пожарот.
Полицијата го истражува случајот како можен подметнат пожар, а приведувањето на граѓанинот се случило во областа Вест Вали, каде што избувнал последниот пожар.
„Истражителите од полициската управа во Лос Анџелес истражуваат дали ова лице е одговорно за пожарот на Кенет“, пишува „Sky News“.
Детективите исто така истражуваат можни врски со други пожари во областа.