Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ја поздрави брзата и професионална реакција на Државниот инспекторат за труд (ДИТ), кој по применета претставка утврди дека огласот за вработување во Јавното комунално претпријатие „Пиша” од Липково, е објавен во спротивност со важечките законски прописи.
Државниот инспекторат за труд информираше дека на 8 јануари 2025 година, по добиената претставка, извршен е вонреден инспекциски надзор во ЈКП „Пиша”, при што е потврдено дека огласот за вработување на четири лица не ги исполнил законските барања, согласно Законот за вработените во јавниот сектор и Правилникот за задолжителни елементи на јавните огласи. Како резултат на ова, огласот беше поништен, а работодавачот е известен за потребата за отстранување на неправилностите.
Министерот Минчев изрази задоволство од преземените мерки, кои обезбедуваат почитување на законските норми и гарантирање на правото на еднакви можности за сите граѓани. Министерот нагласи дека е возможно функционирање на институциите и дека Министерството за јавна администрација ќе продолжи со активна работа на унапредување на системот на вработување во јавниот сектор, со цел обезбедување на праведни, транспарентни и стручни процеси.
„Законот е јасен – вработувањата во јавниот сектор треба да се базираат на квалификации, компетенции и транспарентност, а не на етничка или друга дискриминаторска основа. Ваквиот пристап ја нарушува довербата во институциите и заштитата на правата на сите граѓани. Политичката волја за почитување на законите треба да биде основен принцип на секоја јавна институција”, изјави министерот Минчев при поднесување на претставката.
Министерството за јавна администрација, како носител на процесите на реформа во јавниот сектор, ќе продолжи со напорите за обезбедување на јавни институции кои ќе бидат темелени на принципите на стручност, етика и професионализам.