Едномесечна забрана за работа на автоперална во Карпош заради зголемено ниво на бучава

од Nikola Popovski
57 прегледи

По пријава од граѓани кои се пожалиле на прекумерна бучава во реонот на населбата Карпош 2, овластен инспектор за животна средина од Општина Карпош излегол на терен, каде направил вонреден инспекциски надзор на местото каде што функционира правниот субјект ДПТУ „Делта Центар“ ДООЕЛ-Скопје, со основна дејност миење на моторни возила.

Станува збор за самоуслужна автоперална која се наоѓа на булеварот 8-ми Септември (на аголот, спроти СЦ „Борис Трајковски“). Согласно своите законските овластувања и должности, инспекторот за животна средина од Општина Карпош спровел инспекциска постапка со Записник за извршен инспекциски надзор  ИП1 бр. 69- 455 од 13.12.2024 година.

-По брза постапка општинскиот инспектор ја ангажираше акредитираната фирма „Еуромакконтрол“  ДООЕЛ, која спроведе неколку последователни мерења на нивото на бучава, согласно Правилникот за гранични вредности на нивото на бучава во животната средина. (Сл. весник на РСМ бр. 147/08). Од добиениот Извештај и податоците од мерењата, контстатирано е (со Записник за извршен контролен инспекциски надзор ИП1 бр.69-455 од 30.12.2024 год.), дека гореспоменатиот правен субјект ги надминува максимално дозволените гранични вредности.

Во таа насока на ден 30.12.2024 година, на правниот субјект му беше издаден прекршочен платен налог за сторен прекршок на правното и одговорното лице. Во случајов, субјектот не ја прифати постапката и не ги плати прекршочните налози, со што постапката целосно е препратена до надлежен орган за понатаношно разгледување и постапување.

Веднаш потоа, односно на 31.12.2024 година општинскиот инспектор за животна средина донесе Решение за забрана за вршење на дејност – одржување и поправка на моторни возила во рок од 30 дена. Подносителот на  барањето ќе биде известен преку Управната инспекција, додека инспекциската постапка е во тек, информираа од општина Карпош.

Слични содржини