Французинот Гаел Монфис триумфираше на тенискиот турнир на тврда подлога во Оукленд (Нов Зеланд) со награден фонд од 680.140 долари и стана најстариот победник на АТП во речиси половина век.
Монфис, кој има 38 години и 132 дена, победи во финалето против белгискиот квалификант Зизу Бергс со 6:3, 6:4 за 1 час и 38 минути, ден пред почетокот на Австралија опен во Мелбурн.
Монфис стигна до 13-та титула во кариерата и е најстариот играч кој освоил финале на АТП по 43-годишниот Кен Розевол, кој стана шампион на Хонг Конг во 1977 година.
The winning moment! What a fight from @Gael_Monfils 🇫🇷💪#ASBClassic25 pic.twitter.com/PK6wTNFglH
— Tennis TV (@TennisTV) January 11, 2025
Французинот се поклони пред публиката по победата и рече дека е горд што победил на возраст кога другите обично го закачувале рекетот.
„Годините се само бројка, но јас продолжувам да работам. Постојано верувам дека можам да играм висококвалитетен тенис и тоа го покажав оваа недела, па затоа сум многу среќен“, рече тој.
Монфис ја освои својата прва АТП титула во 2005 година.
„Тоа беше пред 20 години, сè уште имам страст да играм тенис, сè уште се чувствувам како навистина добро да ја удирам топката, па се надевам дека има уште многу пред мене“, додаде тој.
Французинот по победата ќе се искачи за 11 места до 41. место на светската ранг-листа, а во првото коло на Австралија опен ќе се соочи со својот сонародник Џовани Мпетши Перикар.