Бројот на загинати во пожарите во Лос Анџелес се искачи на 16: Третина од источниот дел на Малибу веќе не постои

од Илинка Илиоска
37 прегледи

Лос Анџелес се соочува со едни од најкатастрофалните пожари во последниве години, при што досега загинаа најмалку 16 лица. Најголем број жртви, единаесет, се регистрирани во пожарот во Итон, близу Пасадена, а петмина ги загубија животите во Пацифик Палисејдс.

Огнената стихија започна во вторникот и, иако некои жаришта се под контрола, пожарот во Пацифик Палисејдс и натаму претставува сериозна закана. Штетите се огромни – уништени или оштетени се околу 10.000 објекти, а повеќе од 100.000 жители мораа да бидат евакуирани, особено од критични подрачја како Малибу. Според градоначалникот на Малибу, Даг Стјуарт, третина од источниот дел на градот е целосно уништен.

Противпожарните екипи се соочуваат со дополнителни предизвици поради силните ветрови кои го поттикнуваат огнот. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, го повика претседателот Доналд Трамп да ја посети областа и да ги согледа последиците од овие смртоносни пожари.

Во погодените региони полицијата уапси 27 лица поради кражби и нарушувања на полицискиот час. Противпожарните екипи добиваат поддршка од спасувачи од други делови на Калифорнија, како и од држави како Канада и Мексико.

И покрај интензивните напори, пожарите продолжуваат да претставуваат голема закана, особено поради прогнозите за засилување на ветровите што дополнително ќе го отежнат нивното гасење.

Слични содржини