Серхио Перез кој го загуби местото во тимот на Ред Бул изјави дека ќе паузира подолго и дури потоа ќе одлучи дали ќе се обиде да се врати во Формула 1 во 2026 година.
Мексиканецот се раздели со „биковите“ по четири години минати во Милтон Кејнс по кошмарната сезона за него во 2024 година, која започна добро за Перез, кој се качи на подиумот во четири од неговите први пет стартови, но во преостанатите 19 не само што не се качи на подиумот, но имаше и само една топ-5 завршница.
Во позадина на овој настап на Перез, сосема се очекуваше тој да биде ослободен од Ред Бул и покрај двегодишниот договор што го потпиша на почетокот на летото. Токму тоа се случи, а во 2025 година колега на Макс Верстапен ќе биде Лиам Лосон. Сега, во своето прво појавување во јавноста по разделбата со Ред Бул, Перез ги сподели своите планови за иднината.
„Во следните шест месеци ќе одлучам кој ќе биде следниот чекор во мојата кариера. Потполно сум среќен и ќе се вратам во Формула 1 ако тоа ме прави среќен. Важно е дека никогаш не се откажувам. Кога ќе се појави тешкотија во мојата кариера, по неа доаѓа нешто подобро, а тоа е затоа што никогаш не се откажувам. Многу сум возбуден за тоа што доаѓа оваа година, смирен сум и среќен. Уживам во времето со моите деца, семејството и пријателите. Конечно ќе имам можност да патувам и да го истражувам светот, бидејќи во сите овие години на патување низ светот, не успеав да го запознаам“, изјави Перез.
Мексиканецот е еден од возачите кои се поврзуваат со место во идниот тим на Кадилак, кој треба да дебитира во Формула 1 во 2026 година.