Зеленски објави потресно ВИДЕО од испрашување на заробен севернокорејски војник: „Имаме понуда за Путин“

од Nikola Popovski
58 прегледи

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски изјави дека силите кои дејствуваат во областа Курск во Русија заробиле двајца севернокорејски војници, што е првпат Киев да зароби живи војници од изолираната држава.

„Нашите војници заробија севернокорејски воен персонал во регионот Курск. Двајцата војници, иако ранети, преживеаја и беа пренесени во Киев, каде што сега комуницираат со Службата за безбедност на Украина“, напиша Зеленски на мрежата Х.

„Ова не беше лесна задача. Руските сили и другиот севернокорејски воен персонал рутински ги егзекутираат своите ранети за да ги избришат сите докази за вмешаноста на Северна Кореја во војната против Украина“, рече Зеленски.

Според украинските и западните проценки, околу 11.000 севернокорејски војници се распоредени во регионот Курск, каде што украинските сили заземаат неколку стотици квадратни километри по извршениот прекуграничен упад во август минатата година. Минатата недела американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека повеќе од 1.000 севернокорејски војници биле убиени или ранети во Курск во последната недела од декември.

Видеото и фотографијата објавени од Зеленски покажуваат руска воена лична карта за која Украина тврди дека ја носел севернокорејски војник заробен од украинските сили. Видлива е и воената лична карта за која Украина тврди дека ја носел севернокорејски војник кој бил заробен од украинските сили, јавува Си-Ен-Ен.

„Несомнено ќе има повеќе заробени севернокорејски војници. Прашање на време е кога нашите војници ќе успеат да ги заробат другите. Во светот не треба да има сомнеж дека руската војска зависи од воената помош на Северна Кореја. Пред три години, Путин почна да поставува ултиматуми до Организацијата на Северноатлантскиот договор и да се обидува да ја преработи историјата. Сега Украина е подготвена да му ги предаде војниците на Ким Џонг Ун доколку тој организира размена за нашите војници заробени во Русија. Може да има и други за севернокорејски војници кои не сакаат да се вратат во својата матична земја. Посебно ќе им ја дадеме оваа можност на оние кои изразуваат желба да ја шират вистината за оваа војна на корејски јазик“, заклучи Зеленски.

Украинската служба за безбедност, СБУ, објави видео на кое наводно се прикажани војници. На снимката, портпаролот на СБУ вели дека еден од севернокорејците бил заробен од украинските специјални сили на 9 јануари, а другиот од украински падобранци.

„Тие се во соодветни услови кои ги исполнуваат барањата на меѓународното право“, соопштија од СБУ.

На видеото се гледаат двајца војници во кревети на спрат во ќелија. Едниот има рана на вилицата. Непознат лекар вели дека друг војник има скршеница на ногата. Портпаролот на СБУ рече дека „комуникацијата со нив се одвива преку преведувачи на корејски јазик“, во соработка со јужнокорејските разузнавачки служби.

Слични содржини