За денешното пуштање во употреба на делницата Градско-Дреново (дел од експресниот пат Градско-Фариш), од СДСМ велат дека заслугите треба да одат кај нив, односно најголемата опозициска партија додека беше на власт обезбеди средства и го реализира проектот со над 92%.
Според пратеникот Миле Талески, претходната владеачка гарнитура ги завршила трите клучки кај Градско, Росоман и Дреново, четирите вијадукти, сите мостови, надпатници и подпатници, како и 98% од поставениот асфалт.
-Очекуваме наскоро да биде завршена и делницата од Дреново до Фариш, која е веќе над 80% реализирана благодарение на домаќинското и одговорно работење на Владата на СДСМ. Беа пробиени и двата тунели на оваа делница и зошто власта сега доцни е прашање, кажа Талески, додавајќи дека актуелната власт денеска се китат со туѓи перја, но важно е што граѓаните конечно добиваат целосно функционален експресен пат.
СДСМ критикува дека актуелната власт само поставила 50 метри асфалт и денеска го пуштила во употреба.
Делницата Градско-Дреново е во должина од 15,5 километри плус 1 километар од делницата Фариш-Дреново, или вкупно 16,5 километри од експресниот пат. Вредноста на проектот е 37.300.000 евра од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра се обезбедени од Буџетот.
-Ќе продолжиме и понатаму да ги развиваме проектите, тоа е многу значајно за нас бидејќи ние сме земја која што во суштина нема излез на море, не изобилува со некои ресурси како нафта и гас и тоа во одредена смисла на зборот претставува некаков недостаток. Но тоа кое што ние го имаме, другите балкански земјо го немаат, а тоа е дека ние сме природна раскрсница на многу важни два паневропски коридори. Тоа се Коридор 8 и Коридор 10, рече премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето на делницата.