Пратеничката на АфД во Хамбург, Олга Петерсен, летово со своите деца побегна во Русија. Иако со месеци не се појавува во парламентот на Хамбург, таа и понатаму зема висока плата. Но, сега работите изгледаат навистина лошо за неа бидејќи тоа може да се промени.
Како што објави германскиот портал „Фокус онлајн“, Олга Петерсен сега држи предавања во Русија за обидите за „манипулација со умот“ и за она што таа верува дека „навистина“ се случува во Германија.
Висок надомест
И покрај тоа што ги напушти Хамбург и Германија, сепак добива околу 5.500 евра надомест (бруто) месечно. Оваа недела Уставниот комитет ќе ја разгледа апликацијата дали пратеничката Петерсен може да го задржи своето место во градскиот парламент доколку повеќе не е регистрирана и не живее во Хамбург.
Како што сега стојат работите, и се заканува губење на мандатот. Доколку се утврди дека Петерсен повеќе нема постојан престој во Хамбург, тогаш граѓаните најверојатно ќе одлучат дали таа ќе го загуби мандатот во градскиот парламент.
Закана за исфрлање од парламентот
Членката на АфД, наводно не била во Хамбург веќе неколку месеци и не присуствувала на парламентарните седници.
Државниот изборен комесар е должен на следниот состанок писмено да ја достави својата оценка за која претставниците детално ќе разговараат. Претставниците потоа можат да одлучат дали да им препорачаат на граѓаните повлекување на мандатот на Олга Петерсен.
Петерсен, која доаѓа од Омск во Сибир, долго време е контроверзна политичарка. Прво, сопствената парламентарна група на АфД ја избрка во април 2024 година, откако таа се појави на руската државна телевизија. Следниот скандал се случи летото кога Петерсен, наводно, побегна во Русија со три од нејзините четири деца. Оттогаш таа не е видена во парламентот.
Предавања и настапи во медиумите
Откако замина за Русија, таа неколку пати се појавуваше во руските медиуми. Во средината на ноември, таа го опиша своето гледиште за ситуацијата во Германија за сибирски онлајн изданија. Таа држи предавања во Русија каде вели дека морала да побегне од Германија со децата бидејќи наводно била малтретирана откако не и аплаудирала на украинската делегација во парламентот во Хамбург.
Оттогаш, против неа, наводно, се преземени дејствија кои ги доведуваат во опасност нејзиниот и животот на нејзините деца. Кога го сфатила сето ова, седнала во автомобилот и се упатила кон Русија, пренесува „Фокус онлајн“.
Иако Петерсен повеќе не седи во парламентот во Хамбург, таа и понатаму добива 4.448 евра надомест месечно како пратеник. Покрај тоа, Петерсен има право и на 1.054 евра месечно како претставник во собранието на областа Харбург.