Во Калифорнија сè уште беснее пожар. Најмалку 35 лица се водат како исчезнати во пожарите што го зафатија Лос Анџелес, а се претпоставува дека две лица загинале, изјави денеска началникот на градската полиција.
Тој рече дека 18 лица се исчезнати во областа на пожарот Итон и шест во Малибу. Во исто време, пожарникарите се уште се борат да ги стават под контрола четирите тековни пожари во Лос Анџелес, од кои најголем е пожарот Палисадес, кој изгоре 9.596 хектари.
Пожарникарите контролираат 17 отсто од пожарот откако избувна пред една недела, соопшти пожарникарската служба во Калифорнија.
Пожарот во Итон, северно од градот, изгоре околу 5.700 хектари и е локализиран 35 отсто, додека пожарникарите речиси целосно го изгаснаа пожарот во Херст.
Градоначалничката на Лос Анџелес Карен Бас го покани новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ги посети областите на градот погодени од шумски пожари.
Трамп претходно ги обвини властите во Калифорнија, а особено гувернерот на државата, Гевин Њусом, дека не успеале правилно да управуваат со опасностите од пожари и снабдувањето со вода.
Најмалку 24 лица загинаа, а десетици се водат како исчезнати во пожарите во областа Лос Анџелес.
Задолжителна наредба за евакуација се уште е во сила за 92.000 луѓе, а уште 89.000 жители се под предупредување за евакуација.
Во ваква катаклизмична ситуација, прашањата стануваат се погласни, зошто богатата Калифорнија нема канадери? Се говори дека локалните власти се откажале од нив бидејќи не сакаат да ја посолат вегетацијата со морска вода, а други велат дека во блиските езера живее риба која љубителите на природата не сакаат да заврши печена на оган. Не ја посолиле вегетацијата, но неа веќе ја нема. Хејтерите би рекле, ќе ги добијат канадерите штом Трамп ја анексира Канада…
За разлика од Европа, каде што противпожарните авиони се дел од воените или полициските сили, но секако секогаш се во сопственост на државата, во САД работите се многу поинакви, тие се приватни или барем зависни од приватниот сектор. Значи, не е точно дека нема канадери, тие едноставно не се државни.
А, фактот дека токму таков авион се судрил со дрон, поради што целата противпожарна служба на небото во Лос Анџелес е привремено приземјена, ја покажува нелогичноста на сето она што се случува на тој простор.
Секоја година кога завршува сезоната на шумски пожари во Канада, нивните флоти на канадери, како птиците преселници, мигрираат во јужниот дел на Соединетите Американски Држави и тоа го прават веќе 31 година по ред. Договорот за изнајмување обично трае 90 дена. Бидејќи се работи за амфибиски авиони, тие се особено погодни за Калифорнија, која се протега покрај морето, така што овие уникатни авиони би можеле да летаат до местото на пожар од морето или езерото во рок од три до пет минути и да фрлат водена бомба од шест тони.
Останува мистерија кој е виновен за оваа небрежност, заговор или грешка. Ако штетата веќе достигна повеќе од сто милијарди долари, што го спречува ова недејствување? Социјалните мрежи зујат, критикуваат, плачат, но ништо не се случува, а хидрантите се празни, цревата пукаат, пожарникарите се на готовност, разбојниците се во бегство, луѓето умираат.