Ист став од Европската унија кога се работи за евроитеграциите, како и мала надеж дека ќе можеме да очекува „скоро влегување“ во европското семејство. Ова следува по вчерашната изјава на новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос. Порача дека Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ. Кос го даде примерот на Србија, со која во декември не беше отворен кластерот „Конкурентност“ бидејќи земјата не ги исполнила потребните обврски. „Истото важи и за С.Македонија“, додала таа во однос на обврските на нашата земја. Кос изрази уверување и дека за време на овој мандат на актуелното раководство на Европската комисија, барем една земја од процесот на проширување ќе стигне до „финишот“. Се поставува прашањето дали земјава може да очекува позитивен исход…
Дел од експертите сметаат дека иако е факт дека за прв пат по повеќе години се говори за забрзување на процесот на проширување, Комисијата е внимателна во ветувањата и во однос на државите – фаворити, но и во однос на крајниот резултат – стигнувањето до „финишот“. Оттаму, според поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експертка на полето на евроинтеграциите, Малинка Ристевска-Јорданова, датумите сепак остануваат неодредени. Посочува дека под „финиш“ можат да се подразберат многу фази од сега крајно сложениот процес според Стратегија на проширувањето од 2020 година, а списокот на земји останува отворен.
-Истовремено, внимателноста е и во однос на државите членки, кај кои постојат големи разлики и во однос на реалноста на перспективата за проширување и во однос на државите кои би требало да се гледаат во неа. Според сите досегашни извештаи и анализи, најблиску до „финишот“ е Црна Гора, потоа следат Албанија, Македонија и Србија, вели Ристевска Јорданова за „Локално“.
Според неа, со „полуотворениот“ список на можни учесници во „финишот“, Комисијата создава и притисок кон кандидатите за исполнување на условите – најмногу кон Србија, а потоа и кон Македонија.
-Треба да имаме предвид дека ова проширување е многу различно од претходните – геополитички мотивирано, со силна доминација на политичките врз меритократските одлуки. Меѓутоа, тоа не значи дека кандидатите не треба да ги исполнуваат критериумите – напротив, чисто досие е особено битно за нив, а посебно за Македонија, која за да се бори против „неправедните услови“, ќе мора да покаже реални резултати во исполнувањето на „праведните“, потенцира соговорничката во разговорот.
Дека премногу долго трае целиот процес, а искуството навистина не остава простор за толкав оптимизам, тврди и извршниот директор на Преспа Институтот, Андреја Стојковски. Констатира дека од 2014 година Европа живее во нова реалност, на агресија и окупација на територии на други држави, додека, од пред 3 години, по инвазијата на Русија врз Украина, имаме активна војна во Европа.
-Сето ова не однесе во реалноста на прифаќање на проширувањето, одново, како политика за стабилизација, односно како потреба за спречување на вмешувањата на авторитарни режими во фрагилните демократии на Европа, вели Стојковски во разговор за „Локално“ и додава:
-Ако ги погледнеме реално процесите на преговори и како се движат државите, тогаш објективно Црна Гора преговара од 2012 година, додека од 2014 тоа го прави и Србија. Од минатата есен и Албанија е во реални преговори, по отворањето на првиот кластер. Секако не смееме да заборавиме на Украина која се преобрази во главен приоритет на Унијата и за која постојат најави дека ќе го отвори првиот кластер наскоро. Очекувањата се дека сите овие држави би можеле да напредуваат со исто темпо. Реалноста вели дека ЕУ можеби ќе успее да приближи до пристапување или да го комплетира процесот со Црна Гора и можеби со Албанија.
Кога зборуваме за Македонија, според Стојковски, тука нема очекувања.
-Лично, на сите граѓани им посакувам Владата да успее во своите напори, иако сум свесен дека тоа нема да биде така. Желбите на Владата не бараат политичка влада во Софија, туку менување на Преговарачката рамка што е речиси невозможно, бидејќи бара консензус од сите држави-членки. Во идеално сценарио, ако уставните измени се случат во март, или Европскиот совет ја промени Преговарачката рамка за да дозволи нивно одложено дејство, Македонија би можела да го отвори првиот кластер до јуни, а со тоа да приведе кон крај поголем дел од кластерите. Се разбира, за идеалното потребна е посветена Влада и институции кои ќе го водат процесот на реформи без притоа да импровизираат, анализира соговорникот.
Во помалку поволно сценарио, посочува Стојковски, уставните измени да се случат на крајот на оваа година, или почетокот на следната, Македонија ќе мора да повтори дел од процесот на скрининг и веројатно ќе го отвори првиот кластер кон средината на 2027, што во најдобар случај ќе значи пристапување за најмалку 6 години од тогаш, или во 2033-35 година.
-Најмалку поволното сценарио не остава надвор од Унијата повеќе од 10 години, што како држава со извонредно слаби институции и многу кревка демократија, не можеме да си го дозволиме. Најдобро што можеме да го направиме за државата и за сите граѓани е да не дозволиме да ги изгубиме оние кои останаа да живеат тука и секако да не изгубиме уште една генерација, објаснува Стојковски.
Еврокомесарката за проширување во вторникот изрази уверување дека за време на овој мандат на Европската комисија (2024-2029) најмалку една земја од процесот на проширување ќе стигне до „финишот“. Кос пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент сподели дека расположението за проширување сега е видливо попозитивно отколку во претходните години.
„За прв пат по десет години, имаме реална перспектива дека за време на овој мандат можеме да донесеме барем една, според мене уште две или три земји до финишот“, рече Кос.
Таа призна дека руската агресија врз Украина отвори можност за натамошно проширување, но нагласи дека нема кратенки во процесот на членство. „Нема да има политички „отстапки“. Процесот на проширување останува врз основа на заслуги“, подвлече еврокомесарката.
Оцени дека во овој момент има двајца лидери во пристапниот процес, а тоа според неа се Црна Гора и Албанија.
„Црна Гора има визија да ги заврши преговорите до 2026 година, а Албанија до 2027 година. Ќе ги поддржиме, но потребно е многу работа. Принципот на процес заснован на заслуги треба да важи и за земјите кандидати и за земјите-членки на ЕУ“, рече еврокомесарката, додавајќи дека штом кандидатите ќе ги исполнат критериумите, тогаш земјите од ЕУ треба да можат да продолжат.
Во поседниот Извештај на ЕУ за земјава се нагласува дека и покрај обидите, досега не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните измени, кои земјата се обврза да ги започне и спроведе, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите, како што е наведено во Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.
„По успешното завршување на процесот на скрининг, Северна Македонија треба да продолжи да ги зајакнува своите преговарачки структури со ЕУ и да постигне здрава координација меѓу ресорните министерства и институции, истовремено развивајќи ја експертизата поврзана со правото на ЕУ низ јавната администрација. Потребни се постојани и решителни чекори за да се забрза имплементацијата на реформите во ЕУ и да се придвижи напред во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Меѓупартиската соработка останува од витално значење во овој поглед“, се потенцира во Извештајот.
Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.
На 25 септември 2024 година ЕУ одлучи дека патот на Албанија за пристапување ќе биде одвоен од Македонија, а првите преговарачки кластери официјално отворени на 15 октомври. Ова одлука беше донесена едногласно од амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија.
Претходно ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Македонија и Албанија во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скринингот.
Н.П.